Бугарија ќе одржи предвремени парламентарни избори на 19 април 2026 година, соопшти бугарската претседателка Илијана Јотова по средбата со шефот на привремената влада Андреј Ѓуров. Таа нагласи дека од кабинетот се очекува транспарентно и фер спроведување на гласањето, кое ќе биде осмо во последните пет години.
Според бугарскиот „Новинита“, Јотова на прес-конференција најави дека ќе го потпише указот за распишување избори за 19 април, откако Ѓуров, заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, ѝ го претставил составот на преодната влада.
Претседателката посочи дека очекувањата од привремената влада се големи и дека мора да се обезбеди транспарентност, фер и интегритет на изборниот процес.
Ѓуров изјави дека неговиот тим ќе биде составен од експерти избрани врз основа на искуство и експертиза, а не според политичка припадност, додавајќи дека главен приоритет на кабинетот е организацијата на изборите.
Минатата недела Ѓуров беше назначен за претседател на привремената влада со задача да подготви и организира нови парламентарни избори во земјата-членка на Европската Унија и НАТО, што ќе бидат осми избори од 2021 година.
Претходната влада поднесе оставка на 11 декември по неколку недели улични протести поради економските политики и она што демонстрантите го оценија како неуспех во борбата против корупцијата.
Бугарија, која се приклучи на Еврозоната на 1 јануари, подолго време се соочува со политичка нестабилност и неможност на партиите да формираат стабилно мнозинство во фрагментираниот парламент.
