Европскиот суд во Стразбур повторно за недозволените права на Македонците во Бугарија. Ако до мај Бугарија не ги смени законите и не овозможи малцински права на македонците, Комитетот на Министри може да ја исклучи од Советот на Европа, тврди адвокатот Тони Менконкоски.

Македонците во Бугарија повторно се посочени како пример во годишниот извештај на Европскиот суд за човекови права откако Софија смисли нови правила за регистрирање на клубот ОМО Илинден Пирин.

Во годишниот извештај за 2022-ра, судот во Стразбур наведува дека Република Бугарија не ја спровела пресудата за основните човекови права на слободно здружување која Обединетата македонска организација Илинден-Пирин не може да ја исползува и да се регистрира.

Во делот во кој се опишува како државите не ги спроведуваат одлуките, бугарскиот пример со ОМО Илинден Пирин е ставен како сличен со пресуда за Русија, која исто така не е имплементирана поради тоа што и двете држави вовеле нови законски мерки за регистрирање на задружение со што не ја извршиле пресудата на Стразбур.

ИЗВАДОК ОД ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА 2022-РА НА ЕСЧП ВО СТРАЗБУР

Во врска со домашниот процес на имплементација, беше забележано дека Судот и Комитетот на Министри, во контекст на нивните обврски, може дури истовремено да побараат да бидат испитани истите домашни процедури без да го попречат нивниот меѓусебен институционален баланс. Судот повтори дека членот 46 не исклучува преиспитување (н.з. на примената) и дека има право да ги разгледува жалбите на предметите кои се продолжение (н.з. на пресудените предмети), на пример кога домашните власти вршат ново испитување на случајот при имплементација на одлуката на Европскиот суд, без разлика дали се отвора повторно процедурата или при иницирање на потполно нов сет на процедури (пример: случај ОМО Илинден Пирин против Бугарија).

Македонците во Бугарија како малцинство досега имаат издвојувано вкупно 17 судки победи против Бугарија во Стразбур, тврди адвокатот на нивните здруженија Тони Менкиноски и посочува дека Бугарија има време до мај да го смени законодавството и да им овозможи слободно здружување.

-Бугарија во изминатиот период нон-стоп доставува извештаи на 6 или 9 месеци до Комитетот на министри на Советот на Европа, со кои тврди дека не може да ги исполни овие услови како например со изговори дека извршната власт не може да се меша во правосудната итн. Советот на министри беше трпелив до сега, до последната сесија (н.з. есента 2022-ра) кога и даде конкретен рок во кој бара од Бугарија да го смени нејзиното законодавство до мај 2023-та, да се исполнат овие пресуди. А доколку не се исполнат до мај пресудите, во септември Комитетот на министри при СЕ ќе заседава и во врска со ова прашање постои опција дека Бугарија ќе биде ставена на тапет. И да се покрене постапка и процедура за исклучување на Бугарија од Совет на Европа од причина што не ја почитува Европската конвенција за човекови права која е основа и темел на Совет на Европа, истакна адвокатот Тони Менкиноски, адвокат на организациите на Македонците во Бугарија во ЕСЧП во Стразбур

Тој смета и дека актуелните дипломатски напади од Софија се резултат на мајскиот рок за Бугарија.

-Има смисла во тоа дека е причината поради која Бугарија е моментално нервозна и има ваква офанзивна надворешна политика кон Македонија. За жал македонската дипломатија тука воопшто не партиципира во смисла да ја демократизира Бугарија во делот кој се однесува на остварување на основните човекови права, вели Менкиноски.

На сесијата во Стразбур вчера попладне учествуваше и поранешната македонската судијка во Европскиот Суд, Мирјана Лазарова Трајковска која зборуваше токму за правото на слободно здружување и правото на слободни собири во европските пресуди.

Не ги посочи пресудите за Македонците во Бугарија, но посочи друг случај кога Бугарија преклани беше осудена затоа што ја разрешиле Мирослава Тодорова која била претседател на тамошното здружение на судии.

Тодорова во 2011-та била разрешена затоа што барала реформи во бугарскиот политички и судски систем.

-Предоминантна цел на дисциплинската постапка отворена против апликантот (Тодорова против Бугарија) и казната која е применета врз неа не била за да се осигура примена на поплаките за кои биле водени постапки од нејзина страна. Туку за да биде казнета и посрамена поради нејзиниот критицизам. Казната имаше „заладувачки“ ефект врз активностите на здружението на судии (во Бугарија). Ефектот се прошири и на соседните земји на Балканот, а паметам и дека во мојата земја имаше намалување на видливоста на здружението на судии, истакна актуелната врховна судијка Мирјана Лазарова Трајковска, која е поранешен судија на ЕСЧП.

Веб медиумот sdk.mk  пак пресмета дека Бугарија со своите 25 пресуди за прекршување на човекови права од лани е во топ 10 земји каде најмногу се прекршуваат човекови права. Македонија во 2022-ра имала 4 пресуди во Стразбур за прекршени основни човекови права.