Холандската влада во петокот одлучи да прифати Романија и Хрватска да се приклучат на Шенген зоната и нејзините граѓани да можат слободно да патуваат во Унијата, но го блокираше влезот на Бугарија бидејќи смета дека не ги исполнува потребните услови за пристапување кон овој договор. Холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра објасни дека „се уште е рано“ да се прифати пристапувањетот на Бугарија во Шенген и дека нова проценка ќе биде направена само кога ќе се докаже дека Софија е уставна држава која е способна да се бори против корупцијата и организираниот криминал. Тоа предизвика гневни реакции кај бугарските власти, иако конечната одлука на ЕУ ќе биде донесена на 8 декември, пренесува Независен.
Во продолжение може да погледнете уште дел од реакциите во бугарската јавност:
Главниот обвинител Иван Гешев ја исористи изјавата на холандскиот премиер Марк Руте дека границата меѓу Турција и Бугарија може да се помине за 50 евра (поткуп на граничен полицаец) за да побара од него – тоа што го зборува да го докаже.
„Како главен обвинител на Република Бугарија констатирам дека обвинителството нема податоци ниту докази за ова (незаконско преминување на граница за 50 евра). Доколку нашите партнери од системот на прогон на Холандија имаат, очекувам да ни бидат обезбедени согласно меѓународната правна помош во согласност со принципите на владеење на правото“, забележува Гешев. Тој, исто така, инсистира дека Бугарија била правна држава, дел од Европската унија и како таква ги почитувала и штитела европските вредности .Бугарскиот весник“Дневник“ пренесува и други реакции околу оваа одлука на Хаг која ја растресе Софија во која со недели не може да се формира влада.
Андреј Јанкулов, адвокат: Што очекувате за земја која го доделува своето највисоко признание на шеф на деловно-криминална група од транзицијата и во која лице санкционирано со декретот „Магнитски“ седи во првиот ред на нејзиниот парламент.
Даниел Смилов, политиколог: ГЕРБ не треба да прашува за кого бие холандското ѕвоно – бие за нив. Се разбира, Бугарија е суверена земја и можеме да се правиме глуви и да одиме на којзнае кои по ред предвремени избори додека луѓето заборават на корупциските скандали. Лошата работа е што токму кога ќе почнат да забораваат, нешто ќе ги потсети. Дури и ако во земјата се наметне дебел превез на заборавот, Холанѓаните повторно ќе не потсетуваат на нив.
Радан Канев, европратеник: Одлуката на холанската влада за одвојување на Бугарија од Романија и Хрватска, т.е. да се изолира Бугарија од европската зона на слободно движење е најсериозен долгорочен, стратешки ризик за бугарското општество. Остануваат уште 3-4 дена до конечната одлука на ниво на ЕУ. За тоа време, исклучително е важно да не се прават две страшни грешки: Да се жалиме колку се лоши Холанѓанит и да се обвинуваме меѓусебно во бугарската внатрешна политика.
Зошто ова се груби, фатални грешки? Не затоа што Холанѓаните се во право – не се. И не затоа што тука нема виновници – ги има, и тоа многу, до тој степен што секој носи одредена доза на вина, некои многу повеќе. Затоа што тоа се пораки за внатрешна потреба, за внатрешна политика, кои не прават ништо за подобар резултат на 8-9 декември или за брзо надминување на изолацијата. Генерално, голем дел од причините за доаѓање до оваа точка е систематската злоупотреба на европските теми за внатрешна употреба, наместо вистинска дипломатија и активна политика.Овој погрешен пристап не може да се надмине за три дена. Но, ова е добро време за почеток.
Никола Јанков, бизнисмен: Да се тепаме и да се разголуваме не помага, како и да се обвинуваат другите. Оваа трагична карактеристика на нашата фолк психологија на самоидентификување како ултимативни губитници не донесе овде. Како можеме да сакаме другите да не почитуваат и да ни веруваат кога ние самите не се почитуваме? Тоа не помага за интеграцијата на нашата земја во ЕУ и за напредокот на нашето општество воопшто.И не – Холанѓаните не се во право. Ние мора итно и категорично да им покажеме дека не се. Секоја земја која тврди дека е рамноправен дел од Европската унија треба жестоко да ја брани својата позиција во оваа ситуација. Навистина ќе бидеме најголемите губитници ако, наместо да ја мобилизираме целата администрација и општество за оваа кауза, почнеме традиционално да се валкаме во самопонижување и самокриминација.
Добро би било утре гласно и јасно да се слушне категорична декларација на Народното собрание за ова прашање, на пример. Најдобро со консензус, како и официјална, силна и не баш дипломатска позиција на нашата влада. Без да навредиме никого, мора јасно да кажеме и предупредиме дека Бугарија нема да дозволи да биде третирана како членка од втор ред на ЕУ и да биде понижувана. Веднаш. За три дена ќе биде доцна. За да може секој во ЕУ – вклучително и Холандија – да донесе свои заклучоци за тоа што ќе се случува отсега натаму. Заврши времето на политиката на усогласување со „газдите“ – основната филозофија на сите бугарски влади од нашето влегување во ЕУ до денес.
Асен Григоров, издавач, новинар: Изолацијата на Бугарија од Шенген несомнено е оценка за севкупната креативност на ГЕРБ – за „правната реформа“, за „борбата против корупцијата“, за Таки како чувар на надворешната граница на ЕУ, за оградата и за зградата која „остана само да се бојадиса“. Голема „честитка“ така да се каже. Секако, за овој спектакуларен успех придонесуваат и рускиот Крим на НАТО јастребот Румен Радев, неговата постојана грижа за паќањето на санкциите против Русија и неговите напори да не ја продолжи војната против Украина со давање оружје.