Софиското градско обвинителство побара одземање на имунитетот на лидерот на партијата ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов, за да биде ставен од истрага во случајот за перење пари, познат во Бугарија како „Барселонагејт“, пренесува „Еурактив“.
Истрагата почна пред речиси три години, додека Борисов сè уште беше премиер, кога во анонимна група на Фејсбук беше споделено видео за луксузен имот во богато предградие на Барселона каде што поранешната бугарска манекенка Борислава Јовчева живееше со своето дете.
Анонимниот клип алудираше дека детето е на Борисов, нешто што тој секогаш го негираше. Случајот прво го истражуваше шпанското обвинителство, кое откри индиректни траги на перење пари, но без директно поврзување со Борисов, а во 2021 година истрагата беше префрлена во Бугарија.
Бугарското обвинителство почна да покажува активен интерес во истрагата „Барселонагејт“ пред само три недели, откако партијата на Борисов објави дека ја поддржува долгоочекуваната судска реформа во земјата насочена кон намалување на овластувањата на бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев.
Веднаш потоа Гешев се закани дека ќе го исчисти „политичкото ѓубре“.
Во вторникот, Градското обвинителство на Софија побара одземање на пратеничкиот имунитет на Борисов бидејќи постојат доволно докази за перење пари. Бугарските пратеници можат сами да се откажат од имунитетот или тој да им биде одземен со гласање на парламентот
„Бев без имунитет две години. Сега категорично нема доброволно да се откажам од имунитетот, бидејќи треба да си слеп за да не видиш што се случува во моментов“, рече Борисов.
Според него, обвинителството дејствувало во вторникот за да спречи избор на редовна влада со поддршка на неговата партија и коалицијата „Промената продолжува – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), која ги поддржува судските реформи.
Тензиите околу Борисов и обвинителството се случуваат во екот на преговорите за формирање а редовна прозападна влада меѓу ГЕРБ и ПП-ДБ, што ќе стави крај на политичката криза во земјата која трае две и пол години. Се очекува гласањето да биде кон средината на следната недела.
„Не се грижам за „Барселонагејт“. Воопшто. Не сум имал, немам и нема да имам имот во Шпанија! Што повеќе да одговорам?“ изјави Борисов.
Клучен сведок во случајот е поранешната манекенка и мис на Бугарија, Ивајла Бакалова, која е пријателка на Јовчева и живеела во куќата во Барселона. Таа тврди дека Борисов е татко на детето на Јовчева и дека знае доволно за „Барселонагејт“.
На крајот на минатата недела, пратеничката група на ГЕРБ објави дека ќе ги бојкотира сите барања на обвинителството за одземање на имунитетот на бугарските пратеници. Кандидатот за премиер Николај Денков повика обвинителството да не се користи како политичка алатка.
„Обвинителството не треба да се користи како политички клуб. Мигот кога првите две политички сили ќе кажат дека се подготвени да владеат, ќе видите што ќе се случи“, рече Денков.
Пратениците од другите политички партии, популистичката Има таков народ и проруските БСП и Вазраждане повикаа да се укине имунитетот на Борисов за да може да биде под истрага за „Барселонагејт“.
„Ако тој тврди дека е невин, тоа треба да го докаже во транспарентен судски процес“, рече лидерката на БСП, Корнелија Нинова.