Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, при посетата на Кралството Јордан, добил златен „ајфон 14“ со дијаманти на крајот на октомври минатата година.

Ова го дознава „А1он“ од високи дипломатски извори, а информацијата вели дека и другите дипломати кои го придружувале министерот добиле подароци – златен накит. Од МНР не ја потврдуваат информацијата веќе три дена.

Османи оствари средба со заменик-премиерот и министер за надворешни работи и иселеништво, Ајман Сафади, како и со министерот за земјоделство, Халид Ал-ханифат, потпишувајќи неколку билатерални договори со оваа земја. Вредниот подарок тој го добил од домаќинот.

„Арапските земји имаат традиција да подаруваат скапоцени подароци, но во Европа се доделуваат симболични подароци на секој член од делегацијата, но и во двата случаја не се лични, туку остануваат во сопственост на министерството или амбасадата. Голем дел од странските амбасади со добиените подароци организираат лотарија за да си ги поделат подароците“, коментираат дипломати за „А1он“.