– Од септември се воведува новиот концепт на учење во прво и четврто одделение, а за таа цел веќе се објавени огласите за изработка на материјали за учење и за илустрација на содржините. Во собраниска процедура е новиот Закон за учебници како и измените на Законот за наставници и стручни соработници, кои се дел од реформскиот пакет, истакна Царовска.

Министерката зборуваше и за унапредувањето на средното стручно образование. Таа рече дека преку процесот „Учи паметно, работи стручно“, Владата работи на подигнување на свеста за важноста на овој тип на образование.

-Со новиот конкурс за упис во средно образование во учебната 2021/2022 отворени се 97 дуални паралелки со зголемен обем на практична обука за 2.001 ученик. Подобрена е политиката на стипендирање, обезбеден е фонд за 2.200 стипендии за ученици од прва година, во вкупна вредност од околу 60 милиони денари, што е 10 кратно зголемен буџет во однос на минатата учебна година, нагласи министерката.

Таа наведе дека првпат од следната учебна година се воведува услугата образовна асистенција која е предуслов за обезбедување инклузивно образование и таа ќе се финансира преку Буџетот на МОН.

– За оваа услуга изготвени се нормативи и стандарди и дадени се описите на компетенциите и работните задачи, а во наредниот период ќе се организираат обуки за тренинг на тренери, кои понатаму ќе испорачаат обуки за идните образовни асистенти, рече Царовска.

Претставниците на ОН агенциите ја нагласија целосната посветеност на соработка во насока на поддршка и координација на развојните и реформски процеси кои се реализираат во Министерството за образование и наука.