Бројот на хоспитализирани лица со Ковид-19 во САД се зголеми за околу 33 отсто, а бројот на смртни случаи е зголемен за околу 40 проценти во споредба со претходната недела, изјави директорката на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) Рошел Валенски, додавајќи дека наведените бројки веројатно растат поради делта варијантата, а не поради омикронот.

Таа истакна пред новинарите дека очекува рекордни бројки на новозаразени поради позаразниот сој омикрон во наредните недели.

– Нивото на зголемување е во голема мера поврзано со варијантата омикрон, која сочинува околу 90 проценти од случаите на Ковид-19 во земјата, нагласи Валенски.

Бројот на хоспитализирани расте во САД од крајот на декември, а во меѓувреме позаразниот и помалку смртоносниот сој омикрон стана доминантен.

– Неодамнешното зголемување на смртните случаи веројатно е заостанат ефект на делта варијантата бидејќи бројот на инфицирани со делта значително се зголеми пред да се појави омикронот во декември, објасни директорката на ЦДЦ.

– Можеби ќе видиме смртни случаи од омикрон, но претпоставувам дека смртните случаи што ги имаме сега сè уште се од делта сојот, изјави Валенски, додавајќи дека ќе биде потребно време да се разбере омикрон и неговото влијание врз вкупната смртност од Ковид-19.