Aко навистина сакаме објективна слика за „27 април“, мора да се провери целината: што се случувало пред настанот, што се случувало за време на настанот, што се случувало потоа и како тие процеси биле поврзани со тогашните политички цели, пред сè, промената на уставното име на Република Македонија – изјави во интервју за МИА, Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност и министер за внатрешни работи, кој беше осуден за настаните од 27 април 2017 година во Собранието.

Чавков во интервјуто вели дека инсистира на правна верификација и непристрасна проверка на сомневањата дека се извршени кривични дела од оние што требаше да ја утврдат вистината.

– Да истакнам уште еднаш, ако има одговорност, таа треба да се утврди во законита, фер и непристрасна постапка. Ако нема одговорност, тоа исто така треба јасно да се утврди. Најлош исход за едно општество е кога големи историски настани остануваат покриени со политички наративи и недоверба во институциите. Затоа сметам дека зад завесите останаа многу прашања. А тие прашања не се важни само за минатото, туку и за иднината на Македонија – рече Чавков.

Од денешна перспектива, судењето за „27 април“ не може да го гледа изолирано од политичките процеси што се одвиваа во државата по 2017 година.

– Станува збор за исклучително сложен, повеќеслоен и историски процес, кој имаше далекосежни политички и правни последици за Република Македонија. Јас бев осуден на 16 години затвор за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата. По барање на директорот на затворот во Штип, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 донесе решение за условен отпуст и на 4 мај 2026 година излегов на слобода. Но сакам да потенцирам дека зад таа информација стојат девет години лична и семејна голгота, со трајни последици. Ќе бидам директен: според моето длабоко уверување, процесот за „27 април“ беше политички контаминиран уште од самиот почеток, тоа го темелам на конкретни факти и околности – рече Чавков