Како што јави дописникот на МИА во Софија, министерот Стоев потенцира дека Бугарија беше првата земја во светот што ја призна независноста на тогашна Република Македонија, а искажаната бугарска поддршка за стремежите на младата држава беше природен и искрен чекор, што доаѓал од јавното мислење и како доказ има историско значење.
-Во последните 30 години, поддршката на Бугарија не беше ништо повеќе освен несебичен чин на пријателство и силна верба во заедничка европска и евроатлантска иднина. Секогаш кога Република Македонија се соочува со сериозни проблеми, Бугарија е подготвена да помогне, без оглед на сопствените предизвици, рече бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев во обраќањето испратено до министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи.
Бугарскиот министер за надворешни работи, исто така, потсети на големите очекувања од раните 1990-ти години дека политичките промени во новопризнаената држава ќе донесат можност за надминување на вештачките поделби наметнати на луѓето од двете страни на границата.
-Долгоочекуваниот пад на „ѕидот“ меѓу нас се покажа како долг и болен процес. Неговото целосно уништување се уште бара силна политичка волја и храброст за искоренување на негативните перцепции и стереотипи, истакна Стоев.
Тој изрази уверување дека целосната имплементација со добра волја на двете земји на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година може да биде основа за поамбициозни и поискрени европски односи меѓу Бугарија и Македонија.
-Верувам дека не само нашето минато, туку и нашата иднина е заедничка во семејството на Европската унија, додаде Стоев и во име на идните генерации повика продлабочувањето на соработката да продолжи со цел да се постигне напредок и опипливи резултати во корист на граѓаните, регионот и Европа во целина.