Честитка на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, до членовите на Светиот архијерејски синод, монаштвото, свештенството и до сите православни верници.
Во честитката, претседателката истакнува дека празникот Богојавление е симбол на духовно прочистување, надеж и обновување, со желба тој да донесе радост во срцата, светлина во душите и мир во умот на сите граѓани.
Таа нагласува дека осветувањето на македонските води претставува можност за надминување на малодушноста и летаргијата и повик за поголема грижа за ближните и за заедницата, преку добродетелство, солидарност и емпатија.
„Само со благост, внимание, солидарност и емпатија можеме да го разбудиме божественото во себе, покажувајќи ја вистинската човекова природа“, порачува Сиљановска-Давкова.
Во честитката се посочува и дека светот се соочува со длабока криза и сериозни искушенија, поради што промената мора да започне од поединецот. Според претседателката, само морални и мудри личности можат да создадат силни заедници, чиј напредок и благосостојба нема да се темелат на туѓа болка и страдање.
Таа повикува на сплотеност, меѓусебно почитување и споделување на материјалните и духовните богатства, со цел заеднички да се придонесе за достоинствена сегашност и благословена, просперитетна иднина.
Честитката завршува со традиционалниот поздрав: „Бог се јави!“
