Четири од вкупно 16 пожари на отворен простор, регистрирани денеска до 18:30 часот, сè уште се активни. Според Центарот за управување со кризи, два пожара се ставени под контрола, а десет се целосно изгаснати.

Активен е пожарот кај селото Горно Свиларе во Општина Сарај, каде што се зафатени мешана шума и ниска вегетација. Во Шуто Оризари гори ѓубре, додека на полигонот Криволак во Општина Неготино е запалена сува вегетација.

Четвртиот активен пожар е кај селото Ларце во Општина Желино, каде што гори ниска вегетација.

Под контрола е пожарот кај селото Белица, на местото Кајорец, кој се проширил кон Јасен и зафатил нискостеблеста и мешана шума. Контролиран е и пожарот на депонијата кај селото Пчиња во Општина Куманово.

Во текот на денот биле изгаснати десет пожари во општините Бутел, Сарај, Битола, Кривогаштани, Струмица, Радовиш и Брвеница.

Според податоците на ЦУК, огнот зафатил различни видови вегетација, отпад, депонии и стрништа.