Денеска се навршуваат 46 години од смртта на Никола Бадев, потсетува историчарот Петре Камчевски, нагласувајќи дека според многумина, станува збор за бардот на македонската народна песна.
Камчевски информира дека во текот на долгата и успешна музичка кариера, Бадев имал снимено повеќе од 400 песни и голем број грамофонски плочи, а реализирал и голем број на концерти и турнеи во поранешна Југославија, САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд итн.
– Никола Бадев е исклучителна појава помеѓу големиот број на исполнители на македонски народни песни, но никој како него не го долови вистинскиот дух и мелос на македонската изворна народна песна. Со неговото вклучување во ансамблот на Радио Скопје, му се овозможи на овој народен пејач да го изгради и култивира неговиот исклучителен глас. Во ова нешто многу му помогнале етномузикологот Васил Хаџи Манов и Живко Фирфов, со што успеа да ја афирмира и издигне до највисок степен, изворната македонска народна песна и мелос, вели Камчевски.
Додава дека Бадев на 10-годишна возраст започнал скришум да свири виолина и дека на почетокот во неговата музичка наобразба му помогнал вујко му.
– Никола Бадев бил роден во 1918 година во село Глишиќ, денес приградска населба на Кавадарци. На 10 годишна возраст започнал скришум да свири виолина. Во неговата почетна музичка наобразба многу ми помогнал неговиот вујко Васил Неделков, кој пак самоуко свирел неколку музички инструменти. Уште како млад го сакал спортот, особено фудбалот, а во ФК „Југославија“ играл десно крило. Никола се оженил многу млад, а во бракот со сопругата Милка имал три деца. Веднаш потоа заминал на отслужување на воениот рок каде го затекнала Втората светска војна, раскажува Камчевски.
Во септември 1944 година се вклучил во редовите на НО војска, во Втората македонска ударна бригада. По војната завршил курс за медицински техничари и работел во Кавадарци како санитарен инспектор-хигиеничар.
– Со својот пријатен мелозвучен глас Никола веќе бил познат во Кавадарци и многумина барале да им пее на многу свадби и веселби. Во 1948 година Никола Бадев победил на Фолклорниот фестивал во Скопје и по препорака на многу негови другари заминал во Скопје. Во почетокот на неговата музичка кариера многу му помогнал Васил Хаџи Манов кој во тоа време работел како музички уредник во Радио Скопје. Својата прва грамофонска плоча Бадев ја снимил во 1952 година за „Југотон“, тоа била песната „Тешка беше нашата разделба, потсетува Камчевски.