Лансирањето е закажано за 12 часот и 11 минути по средноевропско време од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида.
Во вселенското летало „Кру Драгон“ (Crew Dragon) ќе бидат американските астронаути Шејн Кимброу и Меган Мекартур, нивниот јапонски колега Акихико Хошиде и астронаутот на Европската вселенска агенција (ЕСА), Томас Пескет. Сите веќе беа во вселената.
ЕСА ја нарече мисијата Алфа според ѕвездениот систем Алфа Кентаури, кој е најблизу до Сончевиот систем.
Спејс Икс, компанијата на Елон Маск, стана омилен превозник на НАСА, откако Боинг доцнеше со тестирање на својата вселенска капсула Старлинер.
Првиот лет со екипажот на Спејс Икс во мај 2020 година стави крај на деветгодишната американска зависност од руски ракети за транспорт до ИСС.
Утре повторно ќе се користи истата ракета како и минатиот мај, а капсулата „Кру Драгон“ ќе биде истата што се користеше во пробните летови.
„Многу ни значи како агенција затоа што сме дел од програмата ИСС веќе 20 години и имаме намера да бидеме дел од следната“, рече францускиот астронаут, осврнувајќи се на можниот лет кон Месечината.
Пескет рече дека е возбуден што лета во футуристичкиот и целосно автономен „Кру Драгон“, што е значително различно од рускиот Сојуз со кој претходно леташе