Четворица повредени во пожарот во Кочани пуштени на домашно лекување од болницата „Пирогов“ во Софија

Четворица од повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кои беа хоспитализирани во болницата „Пирогов“ во Софија денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување. Како што пренесува БТА, раководителката на Клиниката за изгореници и пластична хирургија во болницата, Маја Аргирова, изјавила дека пациентите се во добра општа состојба.

„Дадени се инструкции за понатамошен третман, а во тек е лабораториско следење на нивната клиничка состојба. Во зависност од развојот, ќе се процени дали ќе има потреба од нова хируршка интервенција“, изјавила Аргирова.

Во „Пирогов“ и натаму остануваат на лекување уште четворица повредени

Во „Пирогов“ и натаму остануваат на лекување уште четворица повредени, кои се во тешка, но стабилна состојба. Тие се наоѓаат на интензивна нега. Според информациите од прес-центарот на болницата, за нив тековно се спроведуваат бројни медицински интервенции.

Пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани претставува едно од најголемите несреќи во поновата историја на земјава, во која животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа повредени. Дел од повредените беа пренесени на лекување во странство. Во Бугарија беа хоспитализирани 15 лица: осум во „Пирогов“, и по тројца во болниците во Пловдив и Варна.

Претходно, претседателката Силјановска Давкова ги посети пациентите таму.

Сиљановска Давкова ги посети повредените од пожарот во Кочани во болницата „Пирогов“ во Софија

Надлежните институции продолжуваат со истрагата за причините за несреќата. Јавноста очекува одговорност за пропустите што доведоа до оваа трагедија.