Во украинските области под руска контрола денеска четврти ден се спроведуваат референдумите за присоединување кон Русија.
Во првите три дена од референдумското изјаснување најголем одѕив забележала изборната комисија на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР), каде гласале 77,12 отсто од запишаните избирачи, соопшти претседателот на Централната изборна комисија на ДНР, Владимир Висоцки.
Серхиј Гајдаи, регионалниот гувернер на Луганск, соопшти дека официјални претставници на регионалните власти во Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје носат гласачки кутии од врата до врата, придружувани од припадници на службата за безбедност.
Тој тврди дека имињата на граѓаните бришат од списокот ако одбијат да гласаат или ако непрописно гласаат.
„Жена оди по улица и со микрофон ги повикува жителите да гласаат на референдумот“, додаде тој.
Според него, претставници на окупациските сили одат од врата до врата со гласачки кутии. „Тоа ли е тајно гласање“, прашува Гајдаи.
Руските сили воглавно ја имаат контролата врз четири украински региони, што чинат околу околу 15 отсто од територијата на Украина, површина приближно колку Португалија. Полуостровот Крим анектиран во 2014 година е со големина на Белгија.
Рускиот парламент (Дума) би можел да ја формализира анексијата на украинските региони во текот на наредните неколку дена.
Советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден изјави дека САД никогаш нема да ги признаат руските претензии за украинските територии, истовремено заканувајќи се дека Русија ќе претрпи „катастрофални последици” ако употреби нуклеарно оружје против Украина.
Според неговите зборови, „САД ќе одговорат одлучно“ ако Русија ја премине таа „црвена линија“