Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Чешката Република, Ирена Гецова. На средбата било потврдено пријателството меѓу двете земји, кои од 1994 година континуирано ги унапредуваат билатералните односи и го зајакнуваат партнерството во меѓународните институции и организации.
Сиљановска-Давкова оцени дека постои потенцијал за интензивирање на економските односи. Со таквата оценка се согласила и амбасадорката Гецова, која ги посочила безбедноста, бизнисот и образованието како области во кои може да се развива поширока и подлабока соработка и поголема комуникација меѓу македонските и чешките граѓани.
Претседателката изразила уверување дека богатото дипломатско искуство на Гецова и нејзиното одлично познавање на регионот создаваат можност за отворање ново поглавје во македонско-чешките односи.
Таа ѝ се заблагодарила на Чешката Република за, како што оценила, искрената и принципиелна поддршка на долгиот и тежок пат на Македонија кон Брисел.
Осврнувајќи се на актуелните геополитички предизвици, Сиљановска-Давкова ја нагласила важноста од интегрирањето на Западен Балкан во Европската Унија. Според неа, проширувањето е потребно не само поради географските, историските и културните причини, туку и како сигурна гаранција за европската безбедност, стабилност и отпорност на несакани и непредвидливи влијанија.
Претседателката укажала и на, како што навела, правната, политичката и етичката неодржливост на толерирањето на непочитувањето на европските принципи и вредности утврдени во конститутивните акти на ЕУ од страна на нејзини членки и соседи на Македонија, иако токму од нив поддршката би требало да биде најголема.
Според Сиљановска-Давкова, мора да заврши неевропското блокирање на македонските преговори, односно злоупотребата на ветото за билатерализација на пристапниот процес. Таа оценила дека ваквото постапување е инспирирано од намерата за ревизија на историјата преку диктирање ирационални услови поврзани со оспорувањето на идентитетот на македонскиот или на кој било друг балкански народ.
Сиљановска-Давкова преку новоименуваната амбасадорка му упатила покана на чешкиот претседател да ја посети Македонија.
На крајот од средбата, претседателката ѝ посакала на амбасадорката Гецова добро здравје и успешно извршување на благородната и одговорна функција.
