Не треба да се мешаат билатералните прашања во процесот на пристапување кон Европската Унија, но факт е дека земјите членки понекогаш ги ставаат сопствените интереси на маса и затоа отворените билатерални прашања треба да се решаваат во духот на добрососедските односи, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју во Брисел.
Таа посочи дека ја разбира фрустрацијата на македонските граѓани поради долгото чекање, со оглед на тоа што земјата има кандидатски статус од 2005 година. Според неа, поддршката за членство во ЕУ во кое сè уште веруваат две третини од граѓаните ѝ дава легитимитет на Владата да го продолжи европскиот пат и истовремено ја обврзува да ги исполни нивните очекувања.
За натамошен напредок во пристапниот процес, Кос посочи дека земјава треба да продолжи со реформите во владеењето на правото и борбата против корупцијата, како и со спроведувањето на обврските поврзани со функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрација.
Таа наведе дека исплатата на средствата од Планот за раст зависи од исполнувањето на обврските, нагласувајќи дека Македонија е меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на реформите предвидени со Планот.
Осврнувајќи се на веродостојноста на процесот на проширување, Кос изјави дека во последните години има конкретен напредок, особено по почетокот на војната во Украина во 2022 година кога проширувањето повторно стана приоритет на ЕУ. Како показател за напредокот ги посочи завршната фаза на преговорите со Црна Гора и бројот на поглавја што ЕУ ги затворила во првите десет месеци годинава, кој е поголем отколку во која било претходна година во последните 25 години.
„Иако билатералните прашања не треба да се мешаат во пристапниот процес, тие понекогаш сепак се на маса и мора да се решаваат во духот на добрососедските односи“, истакна Кос.
Кос оцени дека напредокот на другите земји од Западен Балкан покажува дека сега е момент и Македонија да направи чекор напред. Таа ја повика Владата да ја исполни преземената обврска за уставните измени, по што пристапниот процес ќе може да продолжи без дополнителна политичка одлука.
Во својата завршна порака, Кос го поврза проширувањето со зачувувањето на мирот во Европа и порача дека ЕУ ќе ѝ помогне на земјава во решавањето на прашањата со соседите. Потсети дека Европската Унија е мировен проект и оцени дека зачувувањето на мирот е една од најважните задачи за сите европски земји, посочувајќи ги воените конфликти во поранешна Југославија и актуелната војна во Украина.

Кос детално образложи дека постепената интеграција веќе им носи директна корист на граѓаните, издвојувајќи го пристапот кон СЕПА со кој се намалени трошоците за банкарски трансфери за дијаспората, што за Македонија значи придобивка од 60 милиони евра годишно. Исто така, таа потврди дека се водат завршни преговори за укинување на ромингот, а се отвораат и можности во енергетиката, инфраструктурата и безбедноста како членка на НАТО.
Таа потсети дека со приклучувањето кон програмите „ЕУ за здравје“ и „Дигитална Европа“, домашниот здравствен систем и деловниот сектор веќе можат да повлекуваат директни средства од Брисел, додека преку програмата „Еразмус плус“ од 2021 година се реализирани околу 40.000 размени на млади луѓе, студенти и спортисти.

