Чулев вели дека е недозволиво за земја членка на НАТО и претендент за членство во ЕУ да дозволи со години да биде сериозна логистичка база за најозогласени криминални транснационални картели со активности на сите континенти.
На социјалните мрежи Чулев пишува дека наведената истрага била речиси хибернирана во периодот кога стапил на функцијата министер за внатрешни работи, но со целосна посветеност на колегите, и покрај, како што вели, сите опструкции во периодот на техничката влада бил даден максимум за нејзино реактивирање.

– Истрагата беше речиси комплетирана во периодот кога бев министер, но заради задржување професионален однос и несакањето да биде ставена во контекст на парламентарните избори, таа не финишира, односно не беше обелоденета. Која е причината поради која се чекаше недозволиво долг период кога во континуитет се издаваа македонски пасоши исклучиво знае Оливер Спасовски и одговорноста е исклучиво негова. Тој е министерот на кој редовно намерно или ненамерно му се случуваат сериозни пропусти во работењето, што резултира со последици врз меѓународната репутацијата и интегритетот на државата, а што се отсликува и со рапидниот пад на Македонија на листата на земји по степен на корумпираност – пишува Чулев.

Тој бара од Спасовски да понесе морална и политичка одговорност и да ја препушти функцијата на личност што максимално посветено и чесно ќе ја извршува.