Одлуката ја соопшти самиот Ципрас преку „Фејсбук“, објаснувајќи дека веќе испратил допис до катедрите за политички студии; политички науки; меѓународни и европски економски студии; балкански, словенски и ориентални студии; меѓународни и европски студии и политичка наука и историја на шест грчки Универзитети од Солун, Атина и Крит.
-Напорите за решавање на прашањето што со години ја измачуваше нашата надворешна политика донесоа плод со Договорот од Преспа склучен меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во јуни 2018 година и одобрен од грчкиот Парламент во јануари 2019 година. Признавањето на овој решителен чекор во нашата надворешна политика и новата динамика што Договорот ја создава на Балканот го привлече вниманието на неколку странски институции и институти, кои избраа да го персонифицираат ова признание оддавајќи им чест на премиерите на двете земји кои работеа за спроведување на Договорот. Од овие награди, и во делот што се однесува на мене, досега е собран износ и мојата намера е да го отстапам како донација за универзитетска настава и истражување, пишува Ципрас во писмото.
Лидерот на СИРИЗА, неговата намера ја поткрепува со ставот дека конкретните катедри „објективно придонесуваат во универзитетската настава и научното истражување на сложените политички и економски процеси што ги карактеризираат модерните општества“.
–Мојата желба би била да се даде износ од 6.000 евра за секоја катедра преку специјалната сметка на секој Универзитет за да се искористи за годишна награда за најдобар дипломски труд со индикативна награда од 1.000 евра годишно. Насловот на Наградата би можел да биде „Награда за мир и соработка на балканските народи“, пишува Ципрас.
Додава дека секако, надлежноста за избор на најдобриот труд ја има самата катедра, а во однос на содржината, „би можело да се даде приоритет на теми што се фокусираат на мирот и добрососедството меѓу државите од нашиот регион, правата на општествените групи, на проучувањето на прекуграничните образовни или културни програми или енергетска безбедност и еколошка соработка на Балканот“