Како што мајката си ги чува своите деца од надворешни напади така државата треба да се обиди да го заштити образовниот процес, особено на најмладите, вели д-р Игор Николов, претседател на комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „Република“.

Тој потсетува дека минатата година видовме што значи да немате образовен процес, односно тој да биде онлајн и последиците од ова секое семејство ги има.

Зачувувањето на образовниот процес треба да биде примарна водилка на државата, посебно на Владата, но во состојба кога се наоѓаме во пикот на овој четврти бран треба да се преземат специфични, конкретни прецизни насоки доколку образовниот процес почнува со физичко присуство-вели Николов.

Докторот поставува прашање дали физичкото присуство треба да биде за сите училишта региони во Македонија.

Епидемиолошките индикатори не се секаде исти и не се во сите градови подеднакви. Ако ги споредиме индикаторите во Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, со некои градови од источна Македонија како Пехчево и Делчево заклучуваме дека постои разлика. Поради тоа сугерирам секое училиште индивидуализирано ги следи епидемиолошките индикатори само за себе и врз основа на тоа да одлучува заедно во соработка со родителите дали треба да биде со физичко присуство, дали да биде комбинирано или само онлајн во одреден период додека не се стабилизира епидемиолошката состојба.

Николов прави споредба како тоа е решено во западните земји:

Tаму се прават санитарни мерки на протекција кои се класифицирани во четири групи, тоа се санитарни мерки со зелена боја, жолта, портокалова и црвена. Врз основа на епидемиолошките индикатори кои постојат во секое училиште се одлучува кои санитарни мерки на заштита ќе бидат применети во самото училиште. Ова би бил добар предлог за владата и за министерството за образование за да најде решение и да го заштити образовниот процес за да имаме за да имаме генерации кои ќе бидат соодветно едуцирани. Не можеме за сите училишта да донесеме исти санитарни мерки. Сега имаме ситуација кога Комисијата за заразни болести носи мерки кои треба да се применуваат во цела Македонија. Тоа не коректно посебно за оние региони каде епидемијата не е во фаза на експлозија.

Според него постојат неколку фактори што бројките на заразени повторно пораснаа:

Немаше никаква контрола на границите но најважно беше што закаснивме со вакцинацијата. Закаснетата вакцинација е резултат на никакви стимулативни мерки за промоција на вакцинацијата. Сега ги гледаме но тие се задоцнети. За промоцијата на вакцинацијата потребно беше да има промотивни мерки наместо ригидни рестриктивни мерки кои прават отпор кај населението.

Тој ја напоменува и улогата која требаше да ја имаат матичните лекари во едукација на населението во процесот на вакцинација.

Тие имаат во просек 1500 до 2000 пациенти и тие пациенти би требало да бидат едуцирани и информирани за значењето на вакцинацијата од стручно лице кое што ќе беше едуциран во правец на промоција на вакцинацијата и со самото тоа граѓаните ќе добиваа релевантни и вистински информации. За жал што се случи-заради недостапноста на здравствени информации граѓаните како на послужавник беа дадени на Фејсбук едукација на антиваксерки движења кои доведоа до состојба да нема доверба во целокупниот процес.

Николов објаснува и тоа како е можно со зголемување на бројот на вакцинирани да се зголемува и бројот на заразени.

Интегралното интервју прочитајте го на Република.