Северна Македонија ја имаше првата меѓувладина конференција и сега е во процесот на скрининг и треба максимално да се посветиме да ги сработиме нашите домашни задачи, да направиме соодветни реформи, да видиме каде треба да се подобриме, а онаму каде што сме добри да бидеме уште подобри, изјави директорката на директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) и потпретседателка на СДСМ Сања Лукаревска, додавајќи дека сега не е ниту време, ниту место за референдум.

– Не го знаеме прашањето за референдум. Јасно беа поставени црвените линии кои беа изгласани со 68 гласови во Собранието. Го имаме македонскиот јазик и идентитет, историјата е надвор од преговарачкиот процес. Кое прашање би требало да го поставиме? Дали сакаме да одиме во Европската Унија? Мора да одиме напред сите во овој процес, истакна Лукаревска во гостувањето во емисијата „Жешко политичко лето“ на телевизија Канал 5.

Во однос на уставните измени како услов за продолжување на преговорите по завршувањето на скрининг процесот, Лукаревска истакна дека целта е една и единствена, а тоа е европската агенда да се адаптира.

Таа изрази оптимизам дека уставните измени ќе поминат во Парламентот, бидејќи во него има прогресивни сили кои знаат што значи оваа шанса и сите потребни измени на законот и Уставот ќе бидат донесени од страна на соодветен број на пратеници.

– Има пратеници во опозицијата кои треба да ја кренат раката за измените, бидејќи не смее да се попречи европската перспектива и ова е шанса која не смее да се пропушти, изјави Лукаревска, додавајќи дека нема време за блокади, ниту за уназадување, бидејќи во овој процес мора да одиме напред сите заедно.

Во однос на обвинувањата на опозицијата дека нивни симпатизери биле попречувани да присуствуваат на прославата на Илинден во Крушево, Лукаревска изјави дека забележала оти на членови на ВМРО-ДПМНЕ им бил забранет пристап до Мечкин Камен.

– Видов луѓе кои дојдоа за да го чествуваат празникот, а не дојдоа поради кавги и инциденти, истакна потпретседателката на СДСМ,

Според неа, не смее да се дозволи политичарите да бидат непријатели едни на други.

– Може да се сме политички противници, но не смееме да дозволуваме ние политичарите да бидеме непријатели, смета Лукаревска.

Таа оцени дека оваа година прославата на Илинден мина достоинствено и празникот покажал „стаменост и слободарски дух“.

– Се покажа дека празникот е обединувачки момент за напредок на државата. Премиерот Ковачевски имаше одличен говор, ние се водиме на патот кон Европската Унија и не сакаме изолација и блокади, сакаме благосостојба на народот, порача Лукаревска, додавајќи дека на вакви манифестации ниту се добиваат, ниту се губат избори.

Во врска со евентуални предвремени парламентарни избори на што инсистира опозицијата, Лукаревска истакна дека партите од владината коалиција неколкупати го повториле ставот дека избори ќе има во редовниот термин во 2024 година.