Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека од почетокот на руската инвазија на Украина, од Србија не е извезено оружје на ниту една од страните во конфликтот, што е прв официјален одговор на пораката на Кремљ дека Москва ги следи информациите за можно снабдување на Украина со српска муниција.

-Србија, а јас можам да го тврдам тоа, бидејќи моето Министерство дава дозвола за извоз, не извезува воена опрема во ниту една земја за која веруваме дека би била проблематична и спорна на кој било начин, изјави Дачиќ.

Тој нагласи дека станува збор за „легални институции“ кои можат да извезуваат оружје.

Претходно во руските медиуми и на каналите на Телеграм се појавија тврдења дека Србија тајно испорачала 3.500 ракети за ракетните системи „Град“ во Украина преку Турција и Словачка.

Компанијата Крушик неделава објави дека на ниту еден начин не е поврзана со продажба на проектили на краен корисник од Украина.

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ во понеделникот негираше дека Србија извезува оружје во Украина.

-Дали приватните компании купуваат на трети пазари и продаваат на компании во други земји не е прашање за Србија, тоа е меѓународна трговија. За нас тоа може да биде интересно разузнавачки, во смисла на информации, а не законски обврски или регулативи, рече Вучевиќ во српското Собрание, одговарајќи на прашањето на опозициски пратеник за тој случај.