Екипите на ЈП „Македонија пат“ вечерва се на терен со целата расположлива механизација, активно расчистувајќи го снегот и обезбедувајќи проодност на патиштата низ државата. Според последните официјални информации од јавното претпријатие, сите државни и регионални патни правци се проодни, а сообраќајот се одвива по претежно влажни коловози.
На видеоснимките од планинскиот превој Стража и од Демир Капија може да се забележи механизацијата ангажирана за зимско одржување на патиштата, која работи и во вечерните часови.
Снежни врнежи се регистрирани на повеќе повисоки планински превои, меѓу кои Стража, Попова Шапка и Деве Баир. Намалена видливост до 100 метри поради магла има на Плетвар, Стража, на патниот правец Маврово – Дебар и на делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир.
Од „Македонија пат“ информираат дека дежурните екипи се постојано на терен и интервенираат за одржување на проодноста на патната мрежа.
И покрај проодноста на патиштата, на возачите им се препорачува внимателно управување со возилата, приспособување на брзината кон условите на коловозот и користење соодветна зимска опрема, која е законски задолжителна во периодот од 15 ноември до 15 март.
Во продолжение погледнете ги видеоснимките од работата на механизацијата на превојот Стража и во Демир Капија.
