Едно од прашањата кои ги разбранува светската јавност е: Дали е можен договор за примирје меѓу Израел и Хамас? Израелската војска ги притисна милитантите на Хамас во источниот дел на градот Газа. Продолжуваат жестоките улични борби. Одбраната тврди, напредокот е очигледен.

„Терористите на Хамас беа изненадени на терен, ги разбиваме нивните одбранбени линии притискајќи ги во источната област. Сега го чешламе истокот со железни чешли. Така ќе продолжиме додека не ја уништиме целата инфраструктура на Хамас на истокот“, изјави портпаролот на израелската одбрана, Даниел Хагари.

Во текот на операциите израелските сили под џамија, во областа Зејтун, пронашла просторија која наводно Хамас ја користи за производство на оружје.

Во исто време, милитантната група соопшти дека е блиску до договор за ослободување на заложниците. Потврда стигна и од Белата куќа.

„Правиме сè што можеме да ги вратиме заложниците. Веруваме дека сме поблиску до договор отколку што бевме, но, сè уште има работа што треба да се заврши. Ништо не е готово, додека конечно не е завршено“, изјави Џон Кирби, портпарол на Белата куќа.

Семејствата на киднапираните се сретнаа со воениот кабинет на премиерот Нетанјаху.

„Не знаеме како се чувствуваат, дали се здрави, дали се живи. Немаме никакви информации“, изјави Меирав Лешем Гонен, роднина на заложник.

Стотици пациенти од индонезиската болница се евакуирани, откако установата беше погодена од проектил. Од СЗО соопштија дека здравствениот систем во Газа е под силен притисок. Израелската одбрана возврати на ударот на Хезболах, кој од Либан со дронови и ракети изврши напади врз северен Израел. По посетата на Блискиот Исток, шефот на европската дипломатија, Борел, изјави дека најдобрата гаранција за безбедноста на Израел е создавањето палестинска држава.