Во меѓувреме, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера излезе со тврдење дека барањата што се составен дел од Декларацијата на бугарскиот Парламент од 2019, ќе бидат дел од преговарачката рамка на државава со ЕУ и најави предупредувачки протести на опозициската партија во Скопје и во 10 други градови во земјата, со барање документот за којшто преговараат премиерот Зоран Заев и специјалниот претставник Владо Бучковски со техничата Влада во Бугарија да биде ставен на увид на јавноста.
Власта и опозицијата, претставници на бизнис секторот и граѓанското општество заедно да работат во остварување на стратешката цел – членството на Македонија во ЕУ, се договорија учесниците на првата седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции. Тоа е можно, порачаа, со тоа што никој нема да го присвојува процесот, отворено ќе се дискутира за се што се случува и за предизвиците со кои земјата се соочува на тој пат. Од Унијата побараа земјава што поскоро да ги почне преговорите за членство без одложување, а билатералните прашања во никој случај да не се дозволи да станат дел од процесот. Земјава, нагласија учесниците, треба да изгради стратегија како ќе се развива до исполнувањето на стратешката цел за членство во ЕУ и да продолжи со остарување на реформскиот процес.
Димитров рече дека земјава ги исполнила сите предуслови за да ги почне преговорите за членство и оти според многу и земји членки и претставници на институциите на ЕУ во Брисел сме веројатно најдобро подготвена земја.
-Но, точката на која застанавме е усвојување на текстот на преговарачката рамка од страна на земјите членки, односно условите под кои треба да бидеме примени во ЕУ како членка, каде имаме ситуација кога огромно мнозинство на земјите членки имаат различен став, посебно од една во однос т.н. билатерализација на пристапниот процес. И тоа не само во однос на македонскиот случај, туку и како модел и евентуален преседан за сите оние коишто ќе следат по нас. Да нема дилеми дека како директно засегнати нашите позиции коишто се темелат на кристално јасни принципи и во однос на меѓународното право и во однос на Лисабонскиот договор и други важни столбови во смисла на правните акти на ЕУ, како што се во областа на човековите права посебно, нашите црвени линии се предочени и добро познати на сите земји членки на Унијата и на институциите во ЕУ. Бараме решение кое е квалитетно и кое ќе биде одржливо, кое не смее да навлегува во нашите идентитетски обележја и кое ќе биде еден вид инвестиција за градење односи на пријателство врз основа на заемна почит, рече на седницата Димитров.
Според него, не само интересот од стабилен Балкан, туку и Балканот од една страна и остатокот од Европа на друга страна заедно да работат да се соочат со безбедносните предизвици.
-Влогот е навистина голем. Мислам дека е многу голем влогот и за македонско-бугарското пријателство и мислам дека ова статус кво ако остане предолго ќе ги труе односите и ќе биде еден вид инвестиција не во пријателство, туку во антагонизам, рече вицепремиерот Димитров.
Учесниците на седницата од опозицијата побараа овој процес да не се присвојува од никого, тој да биде транспарентен и отворено да се говори за проблемите и предизвиците, особено за делот на криминалот и корупцијата и потребите од реформи во правосудниот систем.
Просторот до почетокот на преговорите, се согласија дел од учесниците, треба да се искористи максимално, треба да се направи стратегија како во меѓувреме ќе се развива државата.
-Никој не знае дали и кога ќе почнат преговорите, ако почнат колку ќе траат, рече Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е и претседател на собранискиот Национален совет за евроинтеграции.
Во прилог на тоа, рече, оди скептицизот на одредени земји членки на ЕУ за проширувањето за што според него говори фактот што Србија и Црна Гора и по две години од усвојувањето на новата методологија не преговараат по неа, иако биле далеку напред во преговарачкиот процес. Тој од власта побара поголема трансарентност во разговорите со Бугарија и да не прифати каков било услов што сега или подоцна може да задре во идентитетските прашања.
Во меѓувреме, бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев во однос на европската интеграција на Северна Македонија, изјави дека позицијата на Бугарија е јасна, доследна и предвидлива и таа не е променета, јави дописникот на МИА од Софија.
Тој истакна дека техничката Влада на Бугарија се раководи од Рамковната позиција и Декларацијата на Народното собрание од октомври 2019 година и оти 85 отсто од граѓаните ја поддржуваат таа позиција.
-Бугарија секогаш покажувала волја за конструктивен и прагматичен дијалог со Скопје. Ќе продолжиме да работиме на обновувањето на довербата, рече тој.
Бугарскиот министер додаде дека очекуваат правни гаранции за почитување на Договорот од 2017 и конструктивен одговор од Скопје за долгорочно решение на прашањето.
Мицкоски, пак, вчера излезе со тврдење дека од високи дипломатски извори и од Брисел, но и од официјална Софија, дознале дека барањата што се составен дел од Декларацијата усвоена во бугарскиот Парламент практично ќе бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ и од тој момент билатералниот проблем што ние го имаме со официјална Софија, а се однесува на посебноста на македонскиот народ, култура, традиција, обичаи, македонскиот јазик, антифашистичката борба.
-Сите оние проблеми што се содржани во Декларацијата усвоена од бугарскиот Парламент ќе бидат практично проблем што ќе го имаме ние со ЕУ, односно од билатерален проблем, проблемот ќе прерасне во проблем помеѓу Македонија и ЕУ, рече Мицкоски вчера во изјава по редовниот брифинг со новинарите.
Ова, според него, може да се спречи само на еден начин – а тоа е јавноста со својата критика и истовремено народ на улиците. Поради тоа, ВМРО-ДПМНЕ секој ден почнувајќи од денеска, ќе ги блокира улиците на три места Скопје и уште десет градови во периодот од 15 до 17 часот се додека, како што потенцираше тој, на јавноста „не и биде покажан документ, патоказ или како сакате наречете го“ за којшто преговара двоецот Заев – Бучковски со официјална Софија, а се однесува на прифаќање на Декларацијата што е усвоена во бугарскиот Парламент во 2019 година да биде дел од преговарачкиот процес.
Упати порака и апел до Европската Унија дека граѓаните заслужуваат почеток на преговори без условување, дополнителни патокази и договори и побара тоа да биде направено на 21 јуни.
-Македонскиот народ, македонската нација, македонската држава заслужува без условување, без дополнителни патокази, без дополнителни договори уште од 2009 година почнување на преговорите со ЕУ. Ние ги споделуваме вредностите коишто ги споделуваат жителите на земјите членки на ЕУ. Македонскиот народ, нација и држава се вратата на Европа. Ние го спроведуваме сонот на Аденауер, Шуман за обединета Европа. Затоа апелирам до вас – оставете ги овие хегемонистички барања од официјална Софија коишто ја негираат посебноста на македонскиот јазик, идентитетот, историјата, културата, обичаите. Истапете со вредностите на кои почива идејата за ЕУ. Дајте ни дата да почнеме со преговори со вас и таа дата да биде сега на 21 јуни, рече Мицкоски.
Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев, на годишнината од усвојување на правописот на македонски јазик, на својот Фејсбук профил објави дека македонскиот јазик ги помина сите фази на создавање, на пробив, на препознавање, на кодификација и на признавање, и тој денес е признаен во целиот свет, а неговата посебност впишана во личната карта на нашата држава во големото семејство на народи и на земји-членки на ОН.
-На денешен ден, додава, пред 76 години, 7 јуни 1945, на предлог на Министерството за народната просвета, Народната Влада на Македонија донесе „Решение за правописот на македонскиот јазик“ со заклучок истиот да се отпечати во засебни книшки како издание на Министерството за народна просвета. Со усвојувањето на правописот на македонскиот јазик се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик, по воведувањето на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава (2 август 1944) и усвојувањето на македонската азбука (5 мај 1945), напиша Заев.
Тој дополни дека оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик. -Тоа е така бидејќи нашиот јазик е нашиот идентитет. Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците, сѐ дури постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик. Тоа е така, затоа што тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убава и нераскинлива симбиоза, напиша Заев на ФБ.
Извор: MИА