Доколку по препорака на ЕМА нема да продолжи вакцинирањето кај помлади од 60 години со „АстраЗенека”, овие луѓе ќе бидат ревакцинирани со вакцина од друг производител.

– Ние ќе се водиме според препораките на Европската агенција на лекови. Бордот на ЕМА меѓу 6 и 9 април ќе има состанок и ќе се чека нивниот став во однос на аплицирање „АстраЗенека” кај помлади – доколку ставот е да се продолжи и нема никаков проблем – сите тие ќе може да бидат и ревакцинирани, изјави Филипче.

Додаде дека вакцинирањето со „АстраЗенека” кај граѓани над 77 години на пунктовите низ државата се одвива добро и без контраиндикации, има списоци и за помлади од таа возраст, а треба да стигнат и дополнителни колични од оваа вакцина.

Во претстојниот период се очекуваат и 20 000 вакцини „Спутник” за да бидат ревакцинирани граѓаните кои од вчера масовно се имунизираат со оваа вакцина во салата Борис Трајковски.

Од средината до крајот на месецов се очекуваат и кинеските вакцини и вакцините „Фајзер”, но, рече Филипче, бидејќи многупати досега најавите не се остварија поради проблеми од страна на производителите, ќе соопштат тогаш кога ќе има конкретни датуми.

– Има најави дека помеѓу 15 и 20-ти треба да стигнат и кинеските и вакцините „Фајзер” од нашиот директен договор и од трипартитниот од Европа, но кога ќе имаме конкретни датуми, ќе ги соопштиме, рече Филипче.