Владата денеска повторно донесе одлука за намалување на стапката на данокот на додадена вредност за дизел-горивото од 18 на 10%. Мерката е донесена како одговор на ризиците и движењата на меѓународните пазари, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според неа, со намалувањето на ДДВ директно ќе се влијае врз малопродажните цени на горивата и ќе се ограничи пренесувањето на надворешните ценовни притисоци врз другите производи и услуги.
„Продолжуваме со навремени мерки за заштита на стандардот на граѓаните и стабилноста на домашната економија“, напиша Димитриеска-Кочоска.
Таа истакна дека Владата и досега реагирала навремено и одговорно на економските предизвици.
„Нашата цел е јасна – да го амортизираме влијанието на надворешните фактори врз домашната економија и да го заштитиме стандардот на граѓаните“, порача министерката за финансии.
