Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе разговара со Општина Куманово и со надлежните владини институции за идната намена на „Пионерскиот дом“, објект кој е во владение на Министерството и со години е оставен да пропаѓа. Прашањето било отворено на средбата со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, при што засега е предвидено објектот да биде целосно затворен и обезбеден за да не претставува непосредна опасност за граѓаните.
„Ќе разговараме со Генералниот секретаријат на Владата за да го расчистиме овој проблем. Мора да се договориме за комплетната намена на домот, заедно со сите чинители, Општината и нашето Министерство и Владата за да може објектот да го искористиме во вистинска смисла. Засега ќе го затвориме просторот за да биде непристапен, односно безбеден за кумановци, а потоа дополнително ќе одлучиме каква ќе биде неговата намена“, рече Велковски.
Во врска со најавената изградба на нова детска градинка во населбата Зелен Рид, проектната документација сега е целосно комплетирана и доставена, па локалната самоуправа ќе аплицира за средства од програмата за поддршка на капиталните инвестиции. Проектот претходно не бил целосно подготвен за повикот за унгарскиот кредит.
„Тоа беше една од точките што ги разговаравме со градоначалникот. Документацијата за градинката во населбата Зелен Рид сега е комплетирана и отворен е повик за програмата за поддршка на капиталните инвестиции. Градоначалникот ќе аплицира заедно со Советот на Општина Куманово, по што ќе продолжи постапката“, изјави Велковски.
Во однос на недостигот од кадар во Домот за стари лица „Зафир Сајто“, кој покрива корисници од поширокиот Североисточен регион, од почетокот на 2024 година досега се ангажирани повеќе од 20 лица. Иако на установата ѝ е потребен дополнителен персонал, бројот на вработувања е строго ограничен со блок дотациите и буџетските можности, поради што ќе се изработи соодветен план. Најавена е и реконструкција на ново крило во оваа установа, проект што ќе се реализира преку прекугранична соработка.
„Чекор по чекор се исполнува она што сме го замислиле и ветувале пред две години. Потребно е време за целиот систем да стане целосно функционален во овој дел“, рече Велковски.
