Декарбонизацијата не е апстрактна цел, туку конкретен патоказ
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска на состанокот на Советот за праведна транзиција порача дека декарбонизацијата е директна обврска на државата кон Европската Унија.
– „Кога зборуваме за декарбонизација, не зборуваме за апстрактна цел, туку за конкретен патоказ кој е дел од нашите обврски кон Европската Унија. За тој процес да биде реален и одржлив, потребно е тој да биде вграден во стратешките документи, програмите и планирањето на сите институции кои се дел од оваа агенда“ – истакнала министерката Сања Божиновска.
Од Министерството за енергетика наведуваат дека фокусот на состанокот бил ставен на институционалната координација, усогласувањето со Реформската агенда, финансиската поддршка и мерките за работниците во енергетскиот сектор.
Советот оценува напредок, но бара посилна координација
Членовите на Советот направиле преглед на Годишниот план за праведна транзиција и оцениле дека активностите се движат во позитивна насока.
Сепак, било нагласено дека е потребна посилна институционална координација и подобра мобилизација на финансиски инструменти за приоритетните активности.
Посебен акцент бил ставен и на усогласувањето на Патоказот за декарбонизација со стратешките документи на институциите вклучени во процесот, како и на координирана имплементација на енергетските реформи.
