Министерството за внатрешни работи соопшти дека по извршените проверки во објектите на училиштата во Скопје до кои беа упатени дојави по електронска пошта за поставени експлозивни направи, е утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
– Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, се наведува во соопштението на МВР.
Во текот на денов закани за поставени експлозивни направи беа упатени до осум средни училишта во Скопје – „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Панче Арсовски“, „Никола Карев“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“ и „Цветан Димов“, како и до основните училишта „Кочо Рацин“ и „Петар Поп Арсов“.
Општина Центар претходно соопшти дека по преземените мерки и антитерористичките проверки, е утврдено пријавата за поставена бомба во „Кочо Рацин“ на Водно е лажна.
Скопските средни училишта изминатиот период во повеќепати добиваа закани за поставени бомби, за кои полицијата утврди дека биле лажни, а денеска првпат такви дојави беа упатени и за основни училишта.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека станува збор за хибридни закани и оти очекува истрагата за лажните дојави на бомби наскоро да заврши.