Вакцините ќе се складираат во поликлиниката „Јане Сандански“ и на Институтот за судска медицина. Откако ќе биде добиена дозвола за пуштање на сериите во промет од Агенцијата за лекови тие ќе се дистрибуираат низ државата од почетокот на следната недела. Ова го најави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека задутре во 14 и во 16 часот на аеродромот во Скопје ќе пристигнат 500 илјади дози од вакцините „Синовак“.
Тој смета дека засега нема голем ризик од нов бран на пандемијата со Ковид-19, но порачува на внимателност и најавува забрзано темпо на вакцинација. Во кој процес, како што посочи, сега приоритет ќе имаат наставниците за да може да почнат со работа училиштата од наесен, за што веќе се финализираат протоколите.
-Засега нашата проценка, сите анализи што ги правиме состојбата во околните земји, укажува дека некој голем ризик од нов бран сега во скор временски период нема, но тоа не значи дека не треба да бидеме внимателни и будно да ја следиме состојбата. Има случаи на заразени граѓани дури и вакцинирани во некои земји со индискиот сој, а тоа што е добро е дека во огромен процент над 97, 98 проценти, тие случаи не бараат хоспитализација, што значи дека клиничката слика е послаба. Затоа сега следи навистина едно навистина забрзано темпо на вакцинација ширум државата во сите пунктови, додаде Филипче.
Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, регистрирани се десет нови случаи на Ковид-19 од направени 2.302 тестирања, тројца починати и 17 оздравени.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.655, бројот на оздравени пациенти е 149.933, на починати е 5.481, а на активни случаи изнесува 241 од кои 89 во Скопје.
Вакцинацијата против Ковид-19 се одвива непречено на сите пунктови низ државата.
Од Министерството за здравство информираа дека на вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 285.957 граѓани. Вкупно се аплицирани 494.909 дози вакцини, а ревакцинирани се 208.592 граѓани.
-Со последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 51 отсто од населението над 70 години, 45 проценти од граѓаните над 65 години и 38 отсто од лицата над 60 години. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 459.213 граѓани. Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп, велат од Министерството за здравство и апелираат граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи, како што посочуваат, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.