Синоќа заврши првиот ден од официјалната посета на претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски и на владина делегација од Македонија на Бугарија.

Работниот дел од официјалната посета започнува денеска со пленарната меѓувладина седница со која ќе копретседаваат претседателите на владите на  Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков.

Агендата предвидува тет-а-тет средба на премиерите Ковачевски и Петков и состанок на министерот за надворешни работи на Република  Македонија Бујар Османи и министерката за надворешни работи на Република Бугарија Теодора Генчовска.

Премиерите и министрите на двете влади после одделните работни средби е предвидено да продолжат со пленарната седница на којашто ќе бидат презентирани резултатите од работните групи, после што ќе следува потпишување меморандуми и договори за соработка.

Работниот дел на заедничката седница на Владите на Република  Македонија и на Република Бугарија завршува со прес-конференција на премиерите Ковачевски и Петков на која пред новинарите и јавноста ќе ги презентираат резултатите од меѓувладината сесија.

Во попладневните часови утре, претседателот на Владата на Република  Македонија, придружуван од членови на Владата, ќе има одделни средби со претседателот на Република Бугарија Румен Радев и со претседателот на бугарското Собрание Никола Минчев.