Денеска седница на Економско-социјалниот совет во Владата
Денеска со почеток во 11:00 часот, во Владата ќе заседава Економско-социјалниот совет, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски. На седницата се очекува да се разговара за минималната плата, пресметката на потрошувачката кошничка, колективните договори во јавниот и приватниот сектор, исплатата на додатоците од плата, како и за останатата регулатива од оваа област.
Минималната плата во фокус на разговорите
Во однос на износот на минималната плата, претставници на Владата во повеќе наврати порачаа дека ќе прифатат решение што ќе биде договорено меѓу синдикатите и работодавачите. Од бизнис секторот, пак, очекуваат олеснувања во делот на придонесите, како компензација за евентуалното зголемување на минималната плата.
Како што изјави минатата недела заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, Владата ќе го почитува секое решение донесено со консензус меѓу социјалните партнери, а додека нема договор ќе продолжи да се применува Законот за минимална плата, односно зголемувањето ќе се врши според утврдената формула.
Барања од синдикатите и нова потрошувачка кошничка
Од Бизнис конфедерацијата велат дека секогаш постои потреба од зголемување на платите, но нагласуваат дека тоа треба да го направат оние кои реално имаат можност. Тие се надеваат дека ќе биде прифатен нивниот предлог, платата да се зголеми, а придонесите да останат на сегашното ниво.
Зголемување на минималната плата бараат и од Сојузот на синдикати на Македонија, аргументирајќи го барањето со зголемените трошоци за живот. Во анкетата што ССМ ја спроведе во ноември, најголем дел од испитаниците се изјасниле дека минималната плата треба да изнесува 600 евра. Од Конфедерацијата на слободни синдикати очекуваат на седницата да се отворат и прашањата за додатоците на плата во јавниот сектор, кои, како што велат, со години не се променети.
Според најавата на Ристески, на денешната седница ќе се разговара и за пресметката на просечната потрошувачка кошничка што Владата планира да ја воведе од 1 јануари, паралелно со синдикалната минимална кошничка. Вредноста на синдикалната минимална кошница за декември изнесува 65.492 денари и е зголемена за 319 денари во однос на ноември, кога изнесуваше 65.173 денари.
