Денеска седница за определување в.д. државен јавен обвинител

Советот на јавни обвинители денеска треба да одржи седница на која ќе се определи вршител на должноста државен јавен обвинител, по оставката на Љупчо Коцевски. Минатонеделната седница, на која како точка на дневен ред беше предвиден изборот на в.д. обвинител до избор на нов државен јавен обвинител, беше одложена поради отсуство на еден од членовите на Советот.

Љупчо Коцевски на 17 декември поднесе неотповиклива оставка, по што Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција. Советот на јавни обвинители првично ја закажа седницата за избор на в.д. државен јавен обвинител за 19 декември, но таа не се одржа.

Зошто беше одложена минатонеделната седница

Седницата на Советот на јавни обвинители закажана за 19 декември беше одложена поради отсуството на членката Јелена Догазанска Колева. Поради тоа, членот на Советот, обвинителот Ермон Незири, предложи изборот на в.д. јавен обвинител да се одложи, посочувајќи дека станува збор за значајно прашање и дека одлуката треба да се донесе во полн состав. Со овој предлог се согласија сите присутни членови на Советот.

Вршителот на должност државен јавен обвинител се назначува согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство, од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Мандатот трае до избор на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

Постапка за избор и можни кандидати

Јавни обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија се Анита Тополова Исајловска, Исмаил Дарлишта, Соња Симовска, Ферат Елези, Џелал Бајрами, Елвин Вели, Лиле Стефанова, Наум Паноски, Валентина Стојановска и Златко Биковски.

Коцевски ја објави својата оставка на прес-конференција, истиот ден кога Собранието требаше да расправа за предлогот на Владата за негово разрешување. Во образложението наведе дека функцијата ја извршувал чесно и достоинствено и дека оставката ја поднесува поради, како што истакна, „очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“. Предлогот за негово разрешување го оцени како политичка одлука.

Коцевски е дел од обвинителството од 2008 година, кога беше избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Гостивар. За државен јавен обвинител беше избран од Советот на јавните обвинители на 18 јануари 2022 година, а Собранието го именуваше на 13 февруари 2024 година.

Законската постапка предвидува новиот државен јавен обвинител да се избере по оглас што го распишува Собранието. Рокот за пријавување е 15 дена од објавувањето во Службен весник. Владата по пријавувањето бара мислење од Советот на јавни обвинители, кој е должен во рок од 15 дена да достави писмено образложено мислење. Доколку мислењето не биде доставено, рокот се продолжува за уште 15 дена, а по негово истекување се смета дека мислењето е позитивно. Доколку нема позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас.