Денеска, на последен ден од Министерскиот состанок на ОБСЕ ќе се одржат три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето – влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.

Според најавите, прес-конференција треба да одржи и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Акредитираните новинари ќе можат да ја проследат и завршна пленарна сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ по која ќе следува завршна прес-конференција со претседавачот, министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи, со претствник на Малта која е следниот претседавач на Организацијата и генералната секретарка на ОБСЕ Шмид.

На Министерскиот совет учествуваат околу 1.000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.

ОБСЕ е живо, неговата вредност е колку повеќе се користи за надминување на несогласувањата. Блокадата или непочитувањето на принципите на Организацијата е директна закана кон нејзините основни вредности за кои се заложува уште од 1975 година, се главните пораки што беа испратени од Министерскиот совет на ОБСЕ што вчера се одржа во Скопје.

Европските лидери ја осудија руската агресија врз Украина и упатија силна поддршка за украинскиот народ, а дел од нив ја напуштија салата за време на обраќањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој во своето обраќање рече дека она што моментално се случува во ОБСЕ не е вистинскиот начин на кој треба да се третираат европските безбедносни прашања. Пред учесниците на Министерскиот совет, Лавров истакна дека западните престолнини постапуваат така што го поткопуваат работењето на ОБСЕ.