Јавното обвинителство на С. Македонија соопшти дека од страна на Основното јавно обвинителство од Гостивар се врши увид на местото каде утринава избувна пожар во станбена зграда во Гостивар во кој загина едно седумгодишно дете. Се очекува и пристигнување на специјална екипа од Одделот за криминалистичко – технички испитувања и вештачења при МВР со цел да се испитаат причините за пожарот.
– Првичните сознанија на лекарскиот тим на лице место упатуваат на тоа дека детето за време на пожарот било врзано со ланец на нозете. Според исказот на семејството, причина за врзувањето било што детето било агресивно. Обвинителството ги презема сите дејствија за утврдување на евентуална кривична одговорност, се наведува во соопштението.
Издадена е наредба за обдукција на телото на починатото дете и се разговара со очевидците на настанот. По наредба на јавниот обвинител, се врши прибирање на трагите од лице место, кои треба да помогнат за прецизно утврдување на причините за пожарот.