Седум лица се уапсени во Србија под сомнение за прикажување, набавување и поседување порнографски материјал и експлоатација на малолетници, соопшти српското Министерство за внатрешни работи, пренесуваат српските медиуми. Осомничените подолг период, според истрагата, преземале, складирале и споделувале материјал со сексуална злоупотреба на деца преку DarkWeb.
Уапсени се Б.Ф. (1969), П.М. (2002), Д.Н. (1988), Б.Р. (1954), С.С. (1962), П.С. (1962) и М.О. (1982). При претрес на нивните станови, на електронски уреди биле пронајдени неколку гигабајти фотографии и видеа што прикажуваат злоупотреба на деца, во повеќето случаи на возраст меѓу 4 и 14 години, организирани според возраст, пол и други параметри.
Осомничените се задржани до 48 часа и ќе бидат приведени во надлежното обвинителство со кривична пријава.
Од српското МВР апелираат родителите да го зголемат надзорот врз онлајн активностите на децата и секое сомневање за злоупотреба да го пријават кај надлежните институции.
