Девет лица се повредени во сообраќајна несреќа меѓу две возила што утрово се случила на експресниот пат Градско–Прилеп, во близина на Градско. Двајца од повредените, маж и жена кои се превезувале во истото возило, се здобиле со тешки телесни повреди и биле пренесени во болници во Скопје, додека четири момчиња од Битола попладнево биле пуштени на домашно лекување.
На местото на несреќата први пристигнале две екипи на велешката Служба за итна медицинска помош. На повредените им била укажана неопходна здравствена помош, по што сите деветмина биле пренесени во Општата болница во Велес.
„Претпладнето се примени девет повредени лица, во сообраќајна несреќа на два автомобила. Тешко повредени се двајца патници, маж и жена кои биле во исто возило. По извршени снимања, жената е со скршеници на лицеви коски и упатена на Клиниката за максилофацијална хирургија за понатамошен третман, а мажот е со комплексна скршеница на десната подлактица и на негово барање е упатен во приватна болница во Скопје. Двајцата повредени се транспортирани со возило на болницата и медицинска придружба. Останатите седум патници се со лесни повреди, РТГ иследени и задржани во нашата болница за опсервација. Попладнево четирите момчиња се пуштени на домашно лекување“, соопшти д-р Анамарија Џунџева, портпаролка на Општата болница во Велес.
Според информациите од СВР Велес, несреќата била пријавена околу 8:20 часот. Во судирот учествувале „ауди“ со битолски регистарски ознаки, управувано од 44-годишната А.Д. од Битола, и „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (48) од Скопје.
„Во несреќата тешки телесни повреди добиле возачот на патничкото возило ‘хјундаи’ и О. Г. (45) од Скопје, сопатничка во истото возило, а телесни повреди добиле С. Д. (50) и С. П. П. (42), двете од Скопје, сопатнички во патничкото возило ‘хјундаи’, како и возачот на патничкото возило „’ауди’ и сопатниците во неговото возило, М .Д. (18), А. М. (18) и двајца 17-годишници, сите од Битола, констатирани во Општа болница Велес“, кажа Билјана Ѓаковска од СВР Велес.
Сообраќајот на делницата од Градско кон Прилеп бил во прекин околу три часа, а повторно бил нормализиран во 11:35 часот.
