Деветнаесет години по трагичната сообраќајна несреќа во која го загуби животот Тоше Проески, споменот за македонската музичка ѕвезда продолжува да живее низ неговите песни, хуманоста и традициите што се негуваат во негова чест.
Еден од најсилните симболи на сеќавањето е маратонското трчање од Нова Градишка до Крушево, со кое маратонците од Хрватска му оддаваат почит на пејачот. Годинава, на 19. маратон посветен на Тоше, учествуваат 14 маратонци. Тринаесетмина го започнаа патот од Нова Градишка, а уште еден учесник треба да им се приклучи во Македонија.
Во Хрватска маратонците ќе истрчаат околу 200 километри, додека низ Србија ќе патуваат со возила согласно тамошните прописи. По пристигнувањето во Македонија, македонските маратонци ќе им се приклучат и заедно ќе ја истрчаат делницата од границата до Крушево, долга околу 220 километри.
Маратонот започна пред спомен-обележјето на Тоше во Нова Градишка, а целта е неговото вечно почивалиште на Гумење во Крушево, каде што се очекува маратонците да пристигнат денеска, на годишнината од неговата смрт.
Тоше Проески го загуби животот во 2007 година, во период кога неговата кариера бележеше голем подем и сè повеќе се пробиваше надвор од границите на Македонија. Албумот на англиски јазик, „The Hardest Thing“, на кој работеше пред несреќата, беше објавен постхумно.
Роден на 25 јануари 1981 година, Тоше уште од најрана возраст го покажуваше својот музички талент. Како ученик во петто одделение, во 1992 година, настапи на фестивалот „Златно славејче“, каде што испеа песна на влашки јазик.
Неговата професионална музичка кариера започна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година. Потоа следуваа бројни настапи на значајни фестивали во Македонија и регионот, а во 2004 година ја претставуваше земјава на Евровизија во Истанбул. Истата година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Во текот на кариерата објави седум албуми, од кои дел беа адаптирани и на српски и хрватски јазик. Неговиот последен албум, „Игри без граници“, беше промовиран само две недели пред трагичната несреќа.
Последниот концерт го одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје. Концертот имаше хуманитарен карактер и беше посветен на подобрување на условите во образованието во Македонија.
Деветнаесет години подоцна, Тоше Проески останува симбол на музичкиот талент, хуманоста и човечноста, а маратонот од Нова Градишка до Крушево е потсетник дека неговото дело и споменот за него продолжуваат да ги поврзуваат луѓето од регионот.
