Двајца кандидати на претседателските избори
На претседателските избори 2024 година граѓаните во вториот круг ќе можат да избираат меѓу двајца кандидати. За парламентарните избори граѓаните избираат меѓу 17 коалиции и партии за новиот 120-член парламентарен состав. И на овие парламентарни избори нема претставник од 7-та изборна единица, односно од дијаспората, бидејќи немаше доволен број македонски државјани кои се пријавија за гласање.
Денеска гласаат болните и изнемоштените
Денеска еден ден пред изборите гласаат болните и изнемоштени лица чии пријави беа прифатени од општинските изборни комисии. За гласање на претседателските избори се пријавени 11.123 болни и немоќни лица, додека за парламентарните избори таа бројка е поголема за 102 избирачи, односно ќе гласаат 11.225 лица.
Се гласа и во дипломатските претставништва
За претседателските избори денеска се гласа и во дипломатско-конзуларните претставништва. Двојните избори се спроведуваат и во казнено-поправните установи. Според изводот во Избирачкиот список, за гласање се запишани 2.147-мина затвореници и лица во притвор.
За парламентарните избори право на глас имаат 1.815.350 избирачи
Утре за вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, од нив во изводите од Избирачкиот список за гласање во државава се запишани 1.713.758 избирачи. За парламентарните избори право на глас имаат 1.815.350 избирачи. Од нив во изводите од избирачкиот список за гласање се запишани 1.716.664 избирачи, додека во посебниот извод од Избирачкиот список за лицата кои согласно со евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство се запишани 96.010 избирачи.
Зголемен бројот на гласачи меѓу двата циклуси
Разликата во гласовите меѓу списокот за претседателските и парламентарните избори е 1.033, генерално поради граѓани кои стекнале полнолетство меѓу двата изборни циклуса. Гласањето на седмите претседателски и 11-тите парламентарни избори треба да се спроведе на 3.480 избирачки места во државава.
Акредитирани речиси 2.000 набљудувачи
За двојните избори се акредитирани речиси две илјади набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу се акредитирани домашни набљудувачи – 1.078. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи.
Од странските набљудувачи најмногу има специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ-ОДИХР, акредитирани се 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач. Парламентарното собрание на ОБСЕ има акредитирано 138-мина набљудувачи.
Ќе информираат медиумски работници од целиот свет
За информирање од изборите се акредитирани и 66 новинари и медиумски работници од најголемите балкански и регионални медиуми, но и од Ројтерс, Асошиејтед Прес, Ал Џезира, Франс Прес.
Извор: МРТ