Најголем одзив во Врапчиште, најмал во Центар Жупа

До 17 часот на повторените локални избори во четирите општини гласале 32.747 лица од вкупно 128.286 запишани во избирачкиот список, што според Државната изборна комисија (ДИК) претставува излезеност од 25,55 проценти. Податоците се обработени од 128.192 избирачи, односно 99,93 отсто од вкупниот број на гласачи, опфатени се сите 215 избирачки места.

Најголема излезеност е забележана во Општина Врапчиште со 30,01 проценти, по што следува Маврово и Ростуше со 25,93 проценти, а Гостивар со 25,23 проценти. Најмал одзив се бележи во Центар Жупа, каде што до 17 часот гласале само 12,35 проценти од гласачите.

Помала излезеност во споредба со изборите во 2025 година

Во споредба со редовните локални избори во 2025 година, денешниот одзив е значително понизок. До 17 часот, во првиот круг од локалните избори излезеноста изнесувала 39,61 проценти, а во вториот круг 39,28 проценти на ниво на државата. ДИК потврдува дека гласањето се одвива без поголеми проблеми и се спроведува согласно изборните процедури.