Претседателот на Движењето ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, на прашањето како ја коментира заканата на опозициската ДУИ за дестабилизација, вечерва упати порака до Ахмети да го промени наративот и дека никој не може да ја дестабилизира државата, ниту од надвор, ниту од внатре.
– Доколку се случи било каков обид за дестабилизација на државата, државата ќе одговори. Секој има право на демократски начин да протестира. Ако се случи некој да се обиде да дестабилизира, државата ќе постапи. Македонија има закон, има Устав, има институции и истите ќе постапат да го заштитат уставниот поредок. Волјата на мнозинството се искажува со 61 пратеник во Парламентот и наша обврска е да ја почитуваме волјата на мнозинството, рече Димитриевски.
Тој рече дека ЗНАМ е подготвена за избори.
ЗНАМ е нов политички субјект и за нас е здраво да учествуваме на избори. Да видиме каде сме, што сме. Во секој случај доколку мнозинството одлучи дека треба да има избори, ние сме подготвени. Во политиката, доколку се случат предвремени парламентарни избори, заедно со локалните избори, повеќе од сигурен сум дека и ова што во моментот го имаат од СДСМ, како број на пратеници во Парламентот, ќе се намали драстично, што е добро за државата, бидејќи тоа е една пратеничка група која што всушност цело време со своите кандидатури бркаше самоамнестија и спас за самите себе си, не водејќи сметка за партијата, нагласи Димитриевски во гостувањето во емисијата „За или против“ на телевизија „Алфа“.
Во врска со констатацијата на лидерот на СДСМ Венко Филипче дека Вреди и ЗНАМ имаат преполовена поддршка и маргинализирана улога во Владата, Димитриевски рече дека подобар мерач на рејтингот од изборите нема, а тие се случиле пред извесно време и сите виделе каде сме и какво е расположението кај народот.