Димитриевски потенцираше дека во изминатиот период во Куманово се реализирани голем број на проекти, над четиристотини. Тој истакна дека Општина Куманово има исчистено многу депонии, речното корито се чисти веќе подолг временски период, но се создава голем смет од несовесниот однос, затоа што службите не функционираат, особено на делот на тоа што значи служби на Министерството за внатрешни работи.
Во дебатата, Димитриевски им подели информатор со проектите кои биле сработени за четиригодишниот мандат.
-Куманово од најзадолжена општина во државата, денеска финансиски е една од најстабилните општини со повеќе од 4 милиони евра граѓански пари на сметка. Притоа, немаме никакви обврски. Работиме и на санација на јавните претпријатија, а проблемите се големи затоа што Куманово беше запоставено како општина, еден долг временски период во периодот на владеење на господинот Груевски, кадешто тогашната политичка елита сакаше да покаже дека кумановската елита којашто добива поддршка од редовите на Социјалдемократскиот сојуз не знае да менаџира со градот соодветно, но пак се справуваме со проблемите. И дополнително, се справуваме и ги решаваме проблемите. Имаме реализирано над 400 инфраструктурни проекти во градот. Општината се менува, факт е дека
треба да биде почиста. Граѓаните сакаат да живеат во уреден, чист, урбан град којшто наликува на европските градови. Тоа е и причината зошто граѓаните се иселуваат, но главниот проблем е што немаме функционалност на системот, бидејќи имате неусогласеност на одредени нивоа на власт, централна и локална власт. И тоа не се случува само во Куманово. Тоа е општа појава во државата, бидејќи поединците одлучуваат, а не одлучува
системот, бидејќи немаме веќе изграден систем, истакна Димитриевски.