Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, во вчерашното гостување во Дневникот на телевизија Сител истакна дека по направената реконструкција и реорганизација на СДСМ партијата суштински не е променета и ако се погледнат најголем број на ресори сè уште ги држат и ги менаџираат истите луѓе кои се едни од најодговорните луѓе за пропастот на вистинскиот СДСМ.
СДСМ отсекогаш била државотворна партија и за жал денеска се доведе на едно вакво дереџе да ја дефинираат поранешните активисти како акционерско друштво во СДСМ коешто излезе далеку од она што значи програмска определба на делување и повеќе наликува на приватизирана партија. И минатиот пат му посакав успех на Ковачевски, да успее во реформите. Да, имаше обиди за комуникација со мене, врз база на лична комуникација, неофицијална, но мојот став е јасен. Побарав поддршка како независен кандидат од граѓаните и моја обврска е да ги следам тековите и насоките кои ќе ги добијам од самиот електорат. Не сакам да разочарам никого, политичкото убедување и идеолошко убедување кое е елементарната матрица за делување во политиката е едно, јас реков сум левичар со одредени ставови кон центарот, па можеби во моменти и десно, но, сепак по однос со ставовите за развојот на општеството сум убеден левичар и ќе останам како таков да делувам на политичката сцена“, рече Димитриевски.
Тој информираше дека не размислува за враќање во Социјалдемократскиот сојуз, бидејќи неговиот статус до ден денеска уште не е познат.
Никогаш не се откажав од СДСМ, но за жал моите сопартијци и тогашниот лидершип во којшто исто така беше и Ковачевски како член на Извршниот одбор, а не го издвои својот став по ниту едно важно прашање коешто се разликуваше во однос на моите ставови и партискиот лидершип, значи не се обидоа да го спречат тој процес на мистификација и ампутација на квалитетни партиски членови помеѓу кои се сметам и самиот себеси. Не бев само јас предмет на такви постапки, всушност се водеа такви постапки и за многу други членови кои не излегоа во јавноста, посочи Димитриевски.