Селекторот на машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија, Жозеп Марија Берокал, го објави списокот на повикани кошаркари за претстојниот ноемвриски квалификациски прозорец на ФИБА. Во овој репрезентативен циклус продолжуваат натпреварите од втората фаза на претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2029 година.
Според официјалниот календар на натпреварувањето, македонската селекција во оваа фаза ќе одигра само еден натпревар.
Македонија на домашен терен ќе ја пречека репрезентацијата на Кипар во рамките на второто коло од групата „Ф“. Средбата е закажана за 26 ноември (четврток), со почеток во 18:00 часот, а ќе се одигра во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје.
Селекторот Берокал заедно со својот стручен штаб се одлучи за следниот состав: Ненад Димитријевиќ, Виктор Ташовски, Виктор Ефремовски, Војдан Стојановски, Лука Стојановски, Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Лејсон Зеќири, Валмир Какруки, Резарт Мемед, Тома Стојаноски, Андреј Маслинко, Петар Бошалески, Андреј Андоноски и Мозес Рајт.
Репрезентативните подготовки ќе се одвиваат во Скопје. Првиот тренинг е закажан за 23 ноември во спортската сала „Лазар Лечиќ“, со почеток од 11:30 часот.
