Во однос на изјавата на државната секретарка на Португалија за европски прашања Ана Паула Закаријаш, Димитров рече дека во текот на вчерашниот ден имале многу контакти со Лисабон и со претставници на Португалија, односно португалското претседателство, дека укажале на, како што истакна, „оваа крајна несоодветност“ и дека добиле „уверување оти изјавата апсолутно не го отсликува ставот на Лисабон којшто останува на линија на португалскиот предлог и беше изразено жалење во оваа смисла“. Тој изјавата ја оцени како несреќна.

Прашан, каква ќе биде реакцијата на оваа изјава, Димитров, рече дека во јавноста често има еден вид збрка во однос на дипломатските реакции кога ќе имаме вакви поводи.

– Вчера на неколку нивоа, јас лично разговарав со Лисабон, Министертсвото за надворешни работи, исто така, министерот за надворешни работи Бујар Османи, исто така. Што е битно во дипломатската комуникација? Битно е јасно да си го изразите ставот, да изразите негодување, да изразите протест. Сето тоа е направено неколкукратно во текот на вчерашниот ден. Тоа што го добивме, што меѓу другото беше потврдено и преку кратката изјава на португалската амбасадорка што не покрива во Белград, дадена ако не се лажам за Дојче веле во вчерашните вечерни часови, е дека Португалија никогаш нема да направи нешто што ќе штети на изнаоѓање решение, останува цврсто на својот предлог и нема намера да влегува во содржинска дебата околу културни прашања, идентитетски прашања итн, изјави Димитров.

Тој го повтори владиниот став дека македонскиот јазик е еден од клучните идентитетски обележја на македонскиот народ, меѓународно признат и кодификуван со своите уникатни специфики и запишан во личната карта на Македонија во ОН, како и дека македонскиот јазик е израз на неприкосновеното право на македонскиот народ на самоопределување и дигнитет.

Во предлог преговарачката рамка што излезе од Европската комисијата, посочи Димитров, во еден параграф се вели дека целото европско законодавство ќе биде преведено на македонски јазик и дека земјата ќе треба да има доволен број на преведувачи во моментот на зачленувањето.

– Ние досега имаме преведено некаде околу 80 илјади страници од европското законодавство. Во моментов преку СЕП се ревидира преводот на 16 илјади страници и се работи на неколку илјади нови страници, нови преводи, изјави Димитров.