Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денес учествуваше на третата едиција на форумот „Ереван Дијалог“, што се одржува на 5 и 6 мај 2026 година во Ерменија.
Во рамки на форумот, Димитровски учествуваше на панел – дискусија посветена на глобалните геополитички трансформации и предизвиците на мултиполарниот свет, засилената конкуренција меѓу големите сили и нивното влијание врз меѓународната трговија и економските текови. Дополнително, беа опфатени и безбедносните импликации од овие процеси, како и прашањата поврзани со технолошкиот развој и дигиталната трансформација.
Во своето обраќање, тој ја истакна определбата на Владата за зајакнување на стратешките партнерства со клучните меѓународни актери како темел за безбедност, економски развој и стабилност на државата.
Димитровски се осврна и на европската перспектива на нашата земја, нагласувајќи дека членството во Европската Унија останува стратешка цел од највисок национален интерес и претставува најодржлив пат за напредок на земјата, во услови на непредвидливи глобални околности.
Дополнително, ги истакна и заложбите на земјата за унапредување на енергетската поврзаност во рамки на паневропските коридори 8 и 10, како клучни алтернативни рути за диверзификација на снабдувањето, со цел зголемување на сигурноста и стабилноста на енергетските текови и зајакнување на економскиот напредок на регионот на Западен Балкан, како и негово забрзано интегрирање во Европа.
Осврнувајќи се на искуството на нашата земја и нарушувањето на меѓународниот поредок, Димитровски нагласи дека искуството на нашата земја покажува оти меѓународното право не секогаш се почитувало, посочувајќи ги како примери пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг поврзана со блокадата за членство во НАТО, како и одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во однос на регистрацијата на здруженијата на Македонците во Бугарија.
Форумот беше посветен на современите глобални и регионални предизвици, со фокус на геополитичките трансформации, безбедносните и економските динамики, европската интеграција, енергетската и зелената транзиција, како и влијанието на новите технологии и вештачката интелигенција врз глобалните односи.
Извор: Курир
