Ако ЕУ смета дека е геополитичка неопходност проширувањето со Западен Балкан, основата е да направи конкретни чекори во тој правец, а не само реторички да повторува дека е геополитичка нужност. Геополитичката нужност може да биде присутна, но ако нема конкретни чекори тоа ќе бидат празни зборови, истакна во разговор со дописничката на МИА, заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, по неговото учество на Економскиот форум во Делфи.

Димитровски учествуваше на панел-дискусија посветена на проширувањето на ЕУ со земјите од регионот, а претходно, заедно со неговите колеги од шесте земји од Западен Балкан и домаќинот, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, на министерски состанок ја усвоија Делфи декларација за европската перспективата.

На состанокот, како што посочи Димитровски, Герапетритис ја реафирмирал идејата која треба да се преточи во пракса од Самитот во Солун од 2003 година, а учесниците констатирале дека навистина помина многу време, цели 23 години.

– Значи имаме една цела низа на проблеми во регионот кои во суштина не се засноваат само на исполнување на Копенхашките критериуми, туку од многу причини меѓу другото и поради застојот во проширувањето и т.н. замореност во Европската Унија, долго време не се преземаа никакви чекори за на овие земји на некој начин да им се гарантира перспективата за членство во ЕУ и да им се даде еден тајмлајн, рокови кога тоа ќе се постигне, затоа што знаеме со претходните проширувања имаше конкретни рокови кога земјите ќе станат членки. Јас тоа го нагласив во мојата дискусија на министерскиот состанок, дека е многу важно, да има рокови и дека кое било проширување со т.н. „фронтранери“, Црна Гора Албанија итн., не смее да застане тука, туку треба сите земји од Западен Балкан да имаат и предвидлив пат и тајмлајн кога би станале членки, секако доколку ги исполнат сите критериуми, истакна Димитровски, нагласувајќи дека никој не бара ниту скратени патишта, ниту нешто да му биде простено, туку едноставно со исполнување на критериумите да се стане полноправна членка.

Во разговорот за МИА од Делфи, заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија се осврна и на она што Герапетритис го соопшти, дека за време на грчкото претседателство со ЕУ во втората половина на 2027 година планиран е прием на нови земји-членки.

– Секако, тоа е добра вест, тоа е одлична вест за сите земји од Западен Балкан, поттикнувачка вест. Не се само нашите земји кандидати, има и други кандидати, како што се Украина и Молдавија, сега знаеме дека фокусот е на овие земји поради војната, но исто така и други земји како Исланд, што сака да ја обнови својата кандидатура. Јас се надевам дека оваа добра вест, тоа го кажав и на панел-дискусијата, очекувам дека навистина ќе има земји од Западен Балкан, тоа нема да биде само за Исланд на пример и дека нема другите земји да заостанат, да се затвори вратата, дека нема да остане црна дупка дел другиот дел од Балканот. Има земји како Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово коишто го чекаат своето полноправно членство во Европската Унија, објасни Димитровски.

Додаде дека исто така е важно да се донесе одлука во Европската Унија каков ќе биде начинот на пристапување, дали ќе биде прво на заедничкиот пазар, дали тоа ќе значи отворање кохезивни фондови во зависност од тоа како течат преговорите, но нагласи дека „во секој случај е важно да имаме предвидливост ако Европската унија навистина сака проширување“.

– Овој форум во Делфи дава еден сериозен поттик во прошируваењето ан Европската Унија со земјите од Западен Балкан и се надевам дека и во Брисел и во европските престолнини овие зборови и на Герапетритис и на целиот круг на министри и заменици ќе наидат на добар прием во контекст на правење на вистински чекори за наше интегрирање во Европа, посочи заменикот МНР.

Надеж дека ќе постои дијалог со новата бугарска Влада за решавање на нашите грижи

На панел-дискусијата Димитровски говореше и за односите со Бугарија, изразувајќи надеж дека набргу ќе започне дијалог со новата Влада во Софија, но и дека нема да постојат нови блокади.

– Во контекст на Македонија ја нагласив нашата интенција со изборот на новата Влада во Софија на господинот Радев, која се надеваме дека ќе биде стабилна и дека ќе трае подолго време, дека ќе имаме поголеми можности да влеземе во политички дијалог и да ги разрешиме нашите грижи, ако можам така да ги наречам. Ние имаме навистина грижи дека нашиот пат кон Европската Унија ќе може да биде и понатаму спречуван со билатерални, историски и идентитетски прашања. И тоа се оправдани грижи, рече Димитровски.

Потсети дека со Бугарија сакаме да имаме одлични добрососедски односи, бидејќи освен соседи сме и сојузници во НАТО, посочи дека постоеше добра динамика и со претходната техничка Влада и нагласи дека соработка мора да продолжи, „но во истовремено да се адресираат сите оние прашања што се наша грижа“.

Објасни дека не е проблем да се внесат Бугарите во Уставот, бидејќи „Македонија е земја која ги почитува човековите и малцинските права, шампион е во Европа и дека немаме никаква дилема во тој контекст“.

– Во Декларацијата што денеска беше усвоена на Самитот, меѓу другото е споменато и дека сите овие земји ќе негуваат и добрососедски односи и дека ќе ги почитуваат малцинските права. Тука сакам да нагласам дека во овој контекст е важно дека добрососедските односи зависат и од едната и од другата страна, во случајот од сите 27 земји-членки на ЕУ и од земјите кандидати. Тие и меѓу себе мора да имаат добрососедски односи, но и со земјите кандидати. А со земјите кандати, и покрај тоа што ние сме во улога на исполнувачи на критериумите, а тие имаат улога на оценувач, правилата и стандардите мора да важат за сите, објасни заменикот МНР.

Паралелно, порача дека ние сакаме исто така „и нашите граѓани Македонци да бидат третирани како малцинство во Бугарија“, без да бараме уставни измени, туку едноставно „бараме регистрација на здруженијата според пресудите во Стразбур“, за што посочи дека постои разбирање во европските земји.

Извор: Курир