Поранешниот пратеник, а сега политички аналитичар, Илија Димовски, го анализира случајот со бегалката од македонската правда Ива Михаилова во интервју за „Прес 24“.

„Мојата процена е дека случајот има карактеристики на организирана и координирана операција и дека отвора сериозни прашања за улогата на бугарските безбедносни структури. Тоа го кажувам како политичка процена врз основа на јавното однесување и контекстот. Немам истражни сознанија со кои би можел да утврдам конкретна вмешаност, а таа разлика мора да се почитува.

Во постапувањето на Софија гледам и демонстрација на моќ: порака дека ќе ги штити луѓето што се изјаснуваат како Бугари, дури и кога нивниот случај е предмет на правна постапка во
Македонија. Таквата порака има и внатрешна политичка публика во Бугарија. Тезата дека постоел договор со македонската власт, меѓутоа, бара сопствени докази. Од претпоставката дека една страна организирала нешто не може автоматски да се заклучи дека другата дала согласност. Партиско обвинение не е доказ за договор. Мислам дека е неоснована.

Не ја гледам ни логиката дека со заминувањето едноставно се тргнал „еден проблем од масата“. Ако притоа се отворат прашања за функционирањето на институциите, за судската постапка и за довербата меѓу двете држави, проблемот станува поголем, а не помал.
Одговорноста треба да биде индивидуална и поткрепена со докази. Ниту националното изјаснување може да биде заштита од законот, ниту пак смее однапред да биде доказ за нечија вина“, вели Димовски.