Обвинувања за загрозување на македонскиот идентитет по дипломатски инцидент со македонското знаме

Политичките тензии во Северна Македонија продолжуваат откако средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев на 13 септември предизвика остри реакции поради отсутноста на македонското знаме на официјалните фотографии. Овој дипломатски инцидент ги разгоре страстите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои си разменуваат обвинувања за загрозување на македонскиот идентитет.

СДСМ: Македонските граѓани се понижени и засрамени

Портпаролката на СДСМ, Боданка Кузеска, на прес-конференција остро го осуди дипломатскиот инцидент, наведувајќи дека тоа е срамен момент за сите граѓани на Македонија, без разлика на нивната партиска припадност. Според неа, ова е доказ за неспособноста на македонската дипломатија под водство на Мицкоски и Сиљановска-Давкова.

„Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ предизвикаа дипломатски инцидент кој ѝ овозможи на Бугарија да ја омаловажи Македонија и нејзините граѓани. Доколку ова е начинот на кој функционира македонската дипломатија под раководство на Мицкоски и Сиљановска, како можат да очекуваат подобри позиции во идните преговори? Дали Сиљановска е личноста која ќе ги води тие преговори, или пак Муцунски, кој остана без коментар и реакција за дипломатскиот скандал што се случи?“ праша Кузеска, алудирајќи на негативните последици од оваа средба.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ манипулира и ја продава државата

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ возврати со обвинувања дека СДСМ манипулира со јавноста и се обидува да го искористи инцидентот за политички поени. Според нив, СДСМ е партијата што ја „продава државата“ и загрозува националните интереси кога е на власт.

„За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ секогаш стои силно зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата по патот на достоинството и гордоста. СДСМ треба да престане со манипулации и да се соочи со вистината за сите предавства што ги направи кон македонскиот народ. Ако навистина сакаат да бидат конструктивни, нека прекинат со клеветите и да се фокусираат на вистинска поддршка на македонските интереси“ реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Претседателката Сиљановска: Македонското знаме не било предвидено

Од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова соопштија дека македонското знаме не било предвидено во договорениот протокол за средбата. Според нив, фотографијата пред бугарското знаме и знамето на ЕУ, а со отсуство на македонското знаме била направена по неочекувана покана од претседателот Румен Радев, што не било дел од оригиналниот план.

„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во многу пријателска атмосфера, од самиот пречек па сѐ до крајот. Сепак, сенка врз настанот фрли отстапувањето од договорениот протокол, според кој не требаше да се прават фотографии во затворениот простор. За жал, непосредно пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако таков потег не беше предвиден ниту договорен.“ велат од кабинетот на Давкова

 

Првата официјална средба на Сиљановска-Давкова

Средбата меѓу Сиљановска-Давкова и Румен Радев беше прва официјална средба откако таа ја презеде функцијата на 12 мај 2024 година. Во делегацијата беа присутни и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.